Премиерот Христијан Мицкоски е љубител на модерниот стил. Тој сака што поскоро да се завршат градбите од проектот „Скопје 2014“, бидејќи го нагрдуваат лицето на главниот град, но со ребалансот на буџетот не се предвидени средства за нивно дозавршување.

– Недовршените објекти од проектот „Скопје 2014“ го грдат лицето на главниот град и би сакал поскоро да бидат завршени, но јас сум љубител на модерниот стил. Тоа е прашање коешто мене лично многу ме засега како човек роден во Скопје, израснат тука. Навистина е тоа премногу грдо онака како што изгледа сега, бараме начин за голем број од тие објекти како да ги завршиме. Јас за вкусовите не сакам да дискутирам, можеби некој има одреден правец во уметноста којшто му се допаѓа, некој има друг правец во уметноста којшто му се допаѓа. Можеби мене тоа што не ми се допаѓа некому му се допаѓа, но јас сум љубител на модерниот стил и би сакал тие згради и објекти час поскоро да се завршат само за да не го грдат лицето на главниот град бидејќи се заборавени – рече Мицкоски при посетата на Царинската управа.

Тој истакна дека пари не се предвидени бидејќи се прават анализи каков е нивниот правен статус, затоа што, како што рече, дел од тие објекти се и приватни инвестиции.

– Сега не можеме ние како држава и тие приватни објекти да ги санираме, но секако со инвеститорите би сакале да разговараме, да работиме тоа да се заврши. Да видиме што можеме да помогнеме навистина – истакна Мицкоски.

Премиерот рече дека бројот на туристи кај нас е зголемен за 11 проценти споредено со минатата година, но во традиционално туристичките држави имаат намален број на туристи оваа година, во некои од државите и до 20-25 проценти.

Тој најави специјална политика со туризмот.

– Многу скоро, од септември ќе објавиме еден нов пристап кој очекуваме да почне да функционира со неколку чартери од март идната година. Многу е важно да имаме јасна промоција на туристичките капацитети што ги нудиме како држава и за да тоа биде комплетно, да биде убаво ние мораме ова што е останато незавршено, да го завршиме. Откако ќе ја завршиме таа анализа, бидете сигурни дека веќе во буџетот за следната година ќе биде завршено – рече Мицкоски.