Мицкоски не гази на трула даска – Влада со сигурни играчи! 

654

Откако се комплетираше составот на новата Влада со објавувањето на имињата на новите министри од ВМРО-ДПМНЕ, утре предлогот ќе биде доставен до Собранието, додека расправата и гласањето ќе се случи овој викенд, односно на 22 и 23 јуни. Во зависност од тоа колку ќе трае расправата, можно е гласањето да биде и в понеделник на 24 јуни. Новата влада ќе биде составена од партиите кои се дел од коалицијата Твоја Македонија, коалицијата Вреди и политичката партија ЗНАМ. Тоа е Влада која има поддршка од електоратот или повеќе од 600.000 гласа освоени на изборите кои завршија на 8 мај. Од  „Твоја Македонија“ во Владата ќе има 15 членови, од кои три на вицепремиерски места,  кадри од коалицијата „Вреди“ ќе раководат со пет министерства и ќе имаат едно вицепремиерско место, а два министерски ресора ќе предводи партијата ЗНАМ –  За наша Македонија на Максим Димитриевски.

Мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во неделата доцна вечерта и официјално ги обелодени имињата на кандидатите за министри од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата:  досегашниот технички министер за внатрешни работи Панче Тошковски за министер во овој ресор, за надворешни работи и надворешна трговија актуелниот градоначалик на Општина Аеродром Тимчо Муцуски, а за финансии потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Кочоска Димитриеска. За заменик претседател на Владата и министер за транспорт партискиот потпретседател е предложен партискиот потпретседател и пратеник во повеќе мандати Александар Николовски, во ресоротот одбрана Владо Мисајловски, пратеник и поранешен министер за транспорт, а за информатичко општество и дигитална трансформација досегашниот дополнителен заменик министер во овој ресор Стефан Андоновски. Министер за локална самоуправа ќе биде поранешниот директор на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Пирински кој во изминатиот период го водеше и кабинетот на Мицкоски.Во новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини е предложена Сања Божиновска, актуелен член на ИК и експерт во енергетиката, Цветан Трипуновски во земјоделство, шумарство и водостопанство како кадар со долгогодишно искуство во ресорот, професорката Весна Јаневска во образование и наука, во Министерството за култура и туризам актерот Зоран Љутков, а во Министерството за спорт ракометарот Борко Ристовски.

Од коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Димовски, претседател на Социјалистичката партија, ќе биде  заменик претседател на владата и министер одговорен за политички систем. Иван Стоилковиќ, претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија ќе биде заменик-претседател на владата и министер кој ќе раководи со ресорот задолжен за односите меѓу заедниците, а Шабан Салиу ќе биде министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декада на Роми.

Алтернатива на Африм Гаши ги потврди своите кадри во Владата. Нивен предлог за министер за европски прашања е ексдиректорот на МЕПСО и на Македонски железници –Транспрот, Орхан Муртезани, а Лулзим Алиу и Сафије Садики-Шаини се кадрите што партијата ги предлага за заменик-министри во министерствата за образование и наука и за етнички заедници.

Изет Меџити од Демократското движење, најверојатно, ќе биде прв вицепремиер и министер за животна средина, а  Арбен Таравари е предлог за министер за здравство. БЕСА, пак, уште минатата недела ги објави своите кадри, поточно кандидати за раководните позиции во три ресори. Фатмир Лимани е кандидат за министер за социјална политика, демографија и млади, Бесар Дурмиши за министер за економија и труд, а Седат Сулејмани е кандидат за заменик-министер за култура и туризам. Од Вреди во фотелјата за вицепремиер за добро владеење ќе седне Арбен Фетаи, кој долги години живеел и работел во Белгија. Од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, пак, утврдени кандидати од партиските тела се Игор Филков за министер за правда и Горан Минчев за министер за јавна администрација.

„Имаме амбициозен план за реформи и проекти чија реализација ќе почне од првиот ден. Веќе неколку работи уште непочнати што беа наша главна и основна цел и ветување во време на кампањата ги испорачавме, но сега треба да испорачаме и проекти и решенија и да го направиме она што е најважно а тоа е да ја вратиме Македонија на народот. Ова ќе биде влада за тебе, работа за сите вас“, изјави Мицкоски  по седниците на ИК и ЦК на партијата.

При изборот на кадровскиот потенцијал и решенија за состав на новата влада се водев од принципите за чесност, посветеност, рече Мицкоски и додаде дека очекува тие целосно да се вложат за реализација на амбициозните зацртани цели.

„Го немаме луксузот да не се успее, ниту пак да се прават репризи на минати владеења каде што ќе се загуби врската со единствениот суверен народот. Во овие луѓе кои ги предлагам имам голема надеж и заедно не чека многу работа, мора да ги засукаме ракавите од првиот ден. Состојбите се очајни и потребни се најпрвин стабилизирање на состојбата, а  потоа и брзи резултати“, потенцира Мицкоски.

Нагласи дека очекува гласањето за новата влада да биде  на 22-23 јуни. Кадровското решение за генералниот секретар на владата што ќе биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ како што најави ќе се знае многу скоро и ќе биде на дневен ред на првата седица на владата.

Предлог составот и програмата на владата Мицкоски ќе ги достави до Собранието денес, по што треба да биде закажана собраниска седница за избор на новиот владин кабинет.Новата Влада треба да биде формирана пред истекувањето на рокот од 20 дена, кој почна да тече од 6 јуни, кога претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, му го додели на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, мандатот за формирање на новата македонска Влада.

(В.М.Б.)