Ќе растат платите на сите вработени во 2025 година, а нема да растат платите на функционерите, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања за измените на Законот за платите на избраните и именуваните лица, кои се во тек во Собранието.

– Тоа го правиме, со измените на законското решение ќе нема покачување на функционерските плати. Оваа измена на Законот наскоро ќе биде пред пратениците. Ќе работиме сите вработени да имаат повисоки плати. Така ќе работиме во интерес на граѓаните – рече премиерот Мицкоски.

Нема да се зголемат платите на функционерите. Со ново намалување на коефициентите, ќе бидат исти, а, можеби, и пониски.

Во Собранието, во тек е процедура за измени на Законот за плата и други надоместоци на избраните и на именуваните лица, со кои ќе се намалат коефициентите со кои се множи основицата за пресмета на платите. Со ова намалување на коефициентите, платата на функционерите нема да се зголеми од јануари 2025 година, кога се усогласува со просечната плата од претходната година.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска, на прес-конференција, обвини дека изминатите шест месеци минималната плата не пораснала, а просечната стагнирала.

– ВМРО-ДПМНЕ целосно го напушти добро воспоставениот систем за раст на платите на СДСМ со кој ги пребродивме сите кризи. Замислете каква иронија, денес, откако се кризите зад нас, се живее полошо од изминатите седум години, кога поминавме три последователни економски кризи. Е толку е способноста на ВМРО-ДПМНЕ и толку се грижи за стандардот на граѓаните – рече Филипче.

Според него, власта манифестирала огромна ароганција и покажала неспособност не само да одговори на потребите на луѓето туку и да препознае што е издржан предлог за доброто на граѓаните, макар тој доаѓал и од опозицијата.

–  Сите предложени мерки што директно би го подобриле животот на нашите сограѓани – укинување на ДДВ за основните производи, зголемување на минималната плата, зголемување на платите, власта ги одби со невидена тврдоглавост. Денеска граѓаните веќе ги чувствуваат последиците од нивните погрешни одлуки – порача Филипче.