Премиерот Христијан Мицкоски преку социјалната мрежа „Фејсбук“ најави германско-белгиска инвестиција. Станува збор за германската компанија ЕПСОТЕХ која во партнерство со белгиската АИМ ќе инвестира во изградба на нов производствен погон во земјава, за што ќе бидат вложени 20 милиони евра.

– Објектот ќе биде лоциран во општината Петровец, надвор од технолошко-развојните зони и во него ќе се произведуваат елементи од автомобилската, железничката и здравствената индустрија. Со градежни активности се започнува на крајот на август, а за една година се планира вработување на повеќе од 110 наши сограѓани. Тоа што е значајно дека дел од инвестицијата е и Центар за истражување и развој што дава голема додадена вредност на истата и ќе значи ангажирање на високо стручни вработувања – напиша Мицкоски на Фејсбук.

Од владината прес-служба известија дека премиерот Мицкоски денес ќе има состанок со менаџментот и раководството на ЕПСОТЕХ по што и официјално ќе биде објавена нивната инвестиција во Македонија.

Поранешниот вицепремиер Фатмир Битиќи исто така преку Фејсбук го обвини Мицкоски дека се кити со туѓи перја со тоа што ја објавува инвестицијата како своја.

– Да, да: има разлика! Некој се „кити со туѓи перја” и ја објавува инвестицијата на ЕПСОТЕХ како своја (и тоа пред да се финализирани сите процедури), а некој чека(л) додека се изјаснат сите релевантни институции за да се потврди договорот за соработка. Благодарност до ВМРО ДПМНЕ што ги потврдуваат и продолжуваат планираните инвестиции кои мојот (сега веќе поранешен) кабинет професионално и прецизно ги сработил во изминатиот период – напиша Битиќи.

Тој вели дека заедно со ЕПСОТЕХ има уште шест други инвестиции за кои се изработени договори за поддршка и го чекаат последниот филтер во Комисијата за заштита на конкурентноста, а од принципиелни причини и изборниот процес не беа обзнанени.