Мицкоски на Европскиот самит во Салцбург: Европа мора да ги отвори вратите за државите кои чекорат напред

11

Иднината на Македонија е во Европската Унија и на тој пат државата направи бројни отстапки и чекори кои ја докажуваат нејзината посветеност кон европската иднина, истакнал македонскиот премиер Христијан Мицкоски во своето излагање на панелот на 20-тиот Европски самит во Салцбург посветен на иднината и реформите на Европската Унија. Тој на фејсбук напиша дека на неговите соговорници им ги пренел заложбите и целите кон европскиот пат на Македонија.

-Она што недостасува е волја проследена со дела регионот вистински да премине од европската чекалница кон реализација на европската иднина. Иднината на регионот е во економска и политичка преобразба и меѓусебно поврзување. Се бориме македонските компании да излезат надвор од границите, да го помогнеме извозот и да привлечеме странски капитал. Досега во овој кус период покажуваме резултати, а заедно ќе направиме многу повеќе, наведува во објавата премиерот Мицкоски.

Настанот во организација на Институтот на регионите на Европа (IRE), Европскиот конгрес, со околу 700 гости и над 60 говорници од цела Европа, годинава се одржува годинава по 20-ти пат под мотото „ЕУ: Нема иднина без реформи”.

Тој, претходно присуствувал на вечера, на покана на градоначалникот на покраината Салцбург и претседателот на Институтот на европски региони, Франц Шаусбергер. Денеска, пак ќе има средба со претседателот на Австрија, Александер Ван дер Белен и со министерот за надворешни работи, Александар Шаленберг.

Веќе во четврток Мицкоски се враќа во Македонија и заедно со претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе биде домаќин на високата гостинка, претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен која неделава е на турнеја низ земјите од Западен Балкан. Претседателката Фон дер Лајен ја започнува посетата на Албанија во среда, 23 октомври, каде ќе се сретне со премиерот Еди Рама, а потоа се очекува да одржи говор на свеченото отворање на кампусот на Колеџот на Европа во Тирана.