Премиерот Христијан Мицкоски и натаму е на истиот став за договорот за изградба на автопатиштата од страна на „Бехтел и Енка“, оценувајќи го како криминален и антидржавен, но нема да дозволи да се оди чекор назад од она што е почнато. Вели дека на тој начин државата, покрај 350. милиони евра што се веќе платени од претходната Влада како аванс, а не е ништо направено, ќе заврши на арбитража, која сигурно ќе ја изгуби.

– Така ќе платиме уште најмалку 350 милиони долари и ќе дојдеме до цифра меѓу 700 и една милијарда, а нема да добиеме ниту еден километар автопат – изјави Мицкоски.

Премиерот потенцираше дека тој и неговата Влада одлучиле да ги засукаат ракавите и да работат.

– Еве, ќе ви дадам еден пример. Да речеме завршува една арбитража и поради едно такво однесување, неодговорно, на претходната Влада, сега граѓаните ќе треба да платат 450 милиони долари изгубена добивка. Завршена е таа арбитража. Јас нема да се однесувам така додека сум премиер – рече Мицкоски.

Во однос на ревизорскиот извештај за „Бехтел и Енка“, министерот за транспорт, Александар Николоски, рече дека надлежните органи почнале со наоѓање наоди за кои тој изрази сомнеж веднаш откако стана министер.

– Побарав да се декласифицира договорот, но тие не се согласија, што мислам дека е грешка. И на секоја средба им го кажувам истото. Од причина што кога работите јавни работи, треба да дадете отчет. Нема ништо тајно, сето тоа што го кажав во опозиција – го има во договор – вели Николоски.

За изборот на надзорот на проектот, Николоски потенцира дека е криминален и го повика Јавното обвинителство да забрза во постапката на овој предмет, кој го отвори кога беше ВМРО-ДПМНЕ во опозиција.

– Невозможно е да конкурираат уште две компании, една од нив е американската „Хил“, и вие да ја исфрлите „Хил“ затоа што немала пополнети документи. Значи најголемата американска компанија, а втората е најголемата француска компанија за надзор – „Ежис“, која има 6 милиони евра поевтина понуда, и да ја отфрлите затоа што заборавила да стави печат на една од страниците кога ја поднесувала понудата. Понудата што е прифатена е 24 милиони евра, „Ежис“ нудела 18 милиони евра, а „Хил“ не стигнала да понуди – изјави Николоски.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ