МИЦКОСКИ: Им ги зедовме лиценците за игри на среќа оти биле давани незаконски!

80

Лиценците за онлајн игрите на среќа што ги укина Владата на последната седница, биле давани незаконски, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Во вторникот, на владина седница, се донесе одлука за укинување на лиценците за онлајн игрите на среќа, бидејќи, според правното мислење од Министерството за финансии, тие биле давани незаконски, без да бидат запазени процедурите.

– Затоа што тие лиценци што се давани, се незаконски давани. И затоа што имаме начелно правно мислење од Министерството за финансии дека сето тоа што е дадено како лиценца е незаконски издадено. И Министерството за внатрешни работи и Финансиската полиција, но и другите институции, ќе се погрижат јавноста многу скоро да ја дознае вистината за тоа како се давани, зошто се давани – изјави Мицкоски.

Првиот вицепремиер, Изет Меџити, рече дека Владата ги стопирала штетните дозволи што ги доделила претходната Влада на ДУИ и СДСМ на српски, црногорски фирми и други.

– Стопиравме можност нашите деца да имаат коцкарници на своите телефони, во своите компјутери од дома и од училиште. Ветувањето пред изборите, денес станува реалност. Остануваме луѓе од збор! Нема да дозволиме личното богатење на поединци од претходната Влада да биде причина за илјадници осиромашени семејства на наши сограѓани – рече Меџити.

Како што додаде, врвен приоритет на Владата е заштитата на граѓаните, особено на младите луѓе.

– Да ги заштитиме од долгови, банкрот, зависност од коцкање, последователно да ги заштитиме од социјални и фамилијарни тешкотии, да ги заштитиме од судир со законот и од нелегални активности, кои секогаш се последица на коцкањето – изјави Меџити.

Според него, претходната Влада свесно го користела отсуството на јасна процедура за создавање нови и нови компании за онлајн и интернет-коцкање, а интерес имале поединци од врвот на ДУИ и претходната Влада, додека штетата била на илјадници наши сограѓани.

– Ветивме дека ќе се бориме против ова зло, денес покажуваме на дело. Нема да запреме додека не создадеме услови за пристоен живот – рече Меџити.