Владата е во потрага на кредибилни партнери со кои би учествувале во реализација на стратешкиот енергетски проект „Чебрен“. На оваа тема премиерот Христијан Мицкоски разговарал со поранешниот директор за национално разузнавање на САД, Ричард Гренел.

– Разгледани се многу опции и можности. Секако дека ние како држава би биле партнер во тој проект бидејќи за нас „Чебрен“ е од стратешко значење, бидејќи не сите проекти се економски исплатливи и не сите проекти се за таа намена за која што првично мислиме – смета премиерот.

Тој објасни дека ќе се утврдува дали проектот ќе се реализира со стратешки партнер или државата ќе обезбеди финансирање, но како што нагласи, ќе се пристапи внимателно, односно нема да се влегува наивно во проектот.

– Набргу очекувам да разработиме јасен план за да почнеме и конечно да го завршиме овој проект. Дали тоа ќе биде со стратешки партнер, дали државата ќе обезбеди финансирање, па самата ќе го изгради, ќе направиме јасна анализа врз основа на информациите што сега ги собираме. Нема да влеземе наивно во овој проект и со големи ѕвона да го најавуваме – готово е, завршена е работата. Не, многу сме внимателни, гледате колку внимателно пристапуваме кон сите проблеми – рече премиерот Мицкоски.

Освен како хидроцентрала, според Мицкоски, проектот „Чебрен“ треба да овозможи ново езеро кое би било уште еден резервоар за вода за идните генерации. Како што дополни премиерот, околу 55.000 хектари во Тиквешко Поле ќе имаат дополнителен резервоар за наводнување и ќе има можности за развој на туризмот.

– Таму нема ограничувања од аспект на заштита на животната средина. Можеме да го развиваме туризмот и да направиме населби кои ќе значат многу за локалната економија, но и за нас како држава. Дури потоа доаѓаме до четвртиот приоритет, производството на електрична енергија – рече Мицкоски.

Во јануари годинава пропадна 14 обид за изградба на хидроцентралата „Чебрен“ откако грчката државна компанија ППЦ „Архидрон“ со која требаше да се спроведе преку јавно-приватно партнерство не ја продолжи банкарската гаранција што беше активна до крајот на минатата година.