Еден од најдобрите возачи на сите времиња, Германецот Михаел Шумахер, продолжува да привлекува големо внимание во јавноста. Поранешниот Формула 1 возач и негов брат, Ралф Шумахер, се огласи на социјалните мрежи и испрати многу остра порака до локалните политичари во Германија!
Имено, малиот град Керпен на западот на земјата, кој практично се смета за предградие на Келн, не го прогласи Михаел Шумахер за почесен граѓанин, што наиде на револт на Ралф.
- Ова е сè што треба да знаете за Германија и нашите политичари, напиша Ралф Шумахер, лут на локалните лидери затоа што на неговиот брат не му беше дадена честа што веќе ја има во еден италијански и еден белгиски град.
Статус на почесен граѓанин на легендарниот возач на Формула 1 му доделија италијанскиот Маранело во 2006 година и белгиската Спа во 2019 година.
Во Керпен се повикуваат на локалните закони кои не ја признаваат „титулата“ на почесен граѓанин. Никој пред Михаел Шумахер не ја доби оваа чест, а политичарите во преден план посочуваат дека поранешниот светски шампион во Формула 1 е првиот жив човек по кого е именувана улица во ова место.
Инаку, Михаел Шумахер е во кома повеќе од една деценија и нема многу информации за неговата здравствена состојба. Семејството ја штити приватноста на големиот шампион, кого го посетуваат исклучиво тесен круг луѓе, а информациите ретко стигнуваат до јавноста. Исто така, Шумахер не е виден во јавноста по несреќата што се случи на крајот на декември 2013 година на скијање во Франција, каде што при падот удри со глава во карпа.