Честит ИЛИНДЕН, Македонијо!

Деветнаесетгодишна скопјанка Миа Тасевска годинава, по втор пат во својот живот, е дел од славната Илинденска коњаница, која на 2 Август, на големиот празник Илинден, на Мечкин Камен во Крушево, традиционално ќе ја одбележи 121. година од Илинденското востание,  големиот јубилеј – 80 години од Првото заседание на АСНОМ и 46 години од првиот Илинденски марш.

Најавтентичен настан со кој се одбележува еден од најголемите македонски празници, Илинден, е пристигнувањето на коњаниците во Крушево. Tрадиционалниот Илинденски марш секоја година тргнува на 27 јули, од скопско Горно Лисиче.

Годинава се одбележуваат 121 година од Илинденското востание и 46 години од првиот Илинденски марш. Целта на ваквите настани е да се зачуваат традицијата, културата, македонските вредности и љубовта кон татковината, по примерот на храбрите македонски јунаци од историјата.

Но, низ овие 46 години колку што се одржува Илинденскиот марш, во коњицата имало и има неколку припаднички од понежниот пол. Една од нив е Миа Тасевска. Уште поинтересно е тоа што со само 19 години, ова е нејзино второ одење со коњицата на Мечкин Камен во Крушево, каде што сите заедно му оддаваат почит на Питу Гули, со положување цвеќиња на неговиот споменик.

Весникот ВЕЧЕР имаше можност ексклузивно да разговара со оваа храбра девојка, која ги урива стереотипите за поделеност на машки и на женски работи во општеството и дека двата пола имаат подеднаква заслуга во борбата за создавање македонска држава, почнувајќи од Илинденското востание, па сè до денеска.

Може ли прво да ни кажеш малку повеќе за себе и од каде мотивот толку млада девојка да помине толку долг пат на коњ?

–  Јас сум Миа Тасевска, имам 19 години и сум од Скопје, поточно од населбата Центар. Студентка сум на Економскиот факултет, каде што моментно ја завршувам првата година. Втор пат сум дел од Илинденскиот марш, кој годинава се одржува по 46. Пат. Во 1978 година, го започнаа Борис Змејковски, Гоце и Борче Стевковски. Минатата година се пријавив зашто ми беше предизвик. Од мала се дружам со коњите, јавањето е мое хоби. Исто така, моето семејство има ранч во близина на Марков манастир и моментално има шест коњи таму. Како и минатата година така и оваа, на Мечкин Камен ќе ме однесе Тошка, коњот што, морам да кажам, ни е омилен на сите во семејството и е најпогоден за вакви настани. Исто така, морам да кажам дека голема заслуга за тоа што сум дел од Илинденскиот марш има и татко ми, Игор, кој претходно три пати беше учесник на него.

Одгледувањето коњи е скапа и макотрпна работа. Кој се грижи за нив, кој те научи да јаваш и да ги држиш уздите под контрола?

– Пред сè, морам да кажам дека мојот татко ми ја пренесе љубовта кон коњите. Тој ме научи сè за овие животни, од тоа како да се однесувам кон нив, па сè до јавањето. Татко ми е тој што најмногу се грижи за нив. Тој е човекот што прави сè нашите коњи да бидат соодветно згрижени, нахранети… Исто така, сите од семејството го користиме секое слободно време за да се тргнеме од градскиот метеж и да отидеме на ранчот, да ги прошетаме, нахраниме и, секако, да се ослободиме од негативната енергија со јавање. Коњите се животни на кои треба да им се посвети многу внимание, и заедно напорно работиме да ја добијат потребната нега. Едноставно, тоа се животни што во ниту еден случај не смеат да бидат запоставени. Освен тоа, тие се експерти да го препознаат и најмалиот немир кај човекот. Ним секогаш треба да им се пријде со позитивна енергија. Исто така, и тие му ја даваат на својот сопственик.

Колку време траат подготовките за овој настан, напорни ли се и дали имало момент кога си помислила да се откажеш?

– За себе можам да кажам дека кога ќе намислам да направам нешто, нема сила што може да ме запре. Најверојатно, и ова го имам наследено од татко ми. Тренинзите траат околу еден месец и се многу исцрпувачки, но и интересни. Патот е долг и напорен, но вреди, бидејќи чувството кога ќе се стигне на Мечкин Камен, не може да се опише со зборови. Оваа година, од припадничките сме само јас и уште една девојка со другите коњаници. Затоа сакам да упатам јавен апел следната година да се пријават повеќе жени. Се надевам дека ќе ми стане традиција и дека, во иднина ќе ме придружува мојата помала сестра, Мила, бидејќи и таа е одличен јавач. Исто така, сакам да упатам благодарност и до Здружението „Илинденски марш“ од Горно Лисиче, кое ми овозможи да бидам дел од овој голем настан за македонската држава.

Низ кои места поминува коњицата на патот до Крушево и каде најдобро сте пречекани?

– Збирното место ни е во ОУ „Гоце Делчев“, потоа се упатуваме кон Општина Аеродром, каде што нè пречекуваат градоначалникот и граѓаните. Потоа одиме во црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче, каде што свештеник ни дава благослов за среќен пат. Исто така, тука има и собир на граѓани, кои нè испраќаат на патот кон Крушево. Потоа се упатуваме кон Долно Лисиче, каде што преспиваме и потоа заминуваме за Петровец. Следната станица ни е Велес. Во Велес преспиваме и потоа патот нè води во селото Теово. По преспивањето во Теово, нашиот пат води кон Ропотово и Кривогаштани, места каде што, исто така, се преспива пред да се стигне до крајната дестинација – Крушево.

Кажи ни што знаеш за Илинденското востание?

– Илинденското востание го означува почетокот на новата фаза во развојот на македонското ослободително движење и има особено значење во историјата на македонскиот народ. Овој празник нè потсетува на историската борба и на вечниот стремеж на македонскиот народ за слобода и самостојна држава и на сите оние што трајно се вградиле со своите дела и подвизи во овој чин.

Кренато е на втори август 1903 годна, а во 1944 е одржано Првото заседание на АСНОМ. Илинденското востание, како што знаете сите, е отпор против османлиското ропство, организирано од ТМОРО и е почеток на борбата за создавање македонска држава. Токму затоа може да се каже дека има најголемо значење во македонската историја.

Непосредно пред тргнувањето, беше украден вашиот коњ, Тошка, од седиштето на „Илинденскиот марш“. Што ќе се случеше доколку не успеавте да го најдете навреме?

Доколку не го најдевме мојот коњ, Тошка, не ќе тргнев на пат со некој од другите коњи од нашиот ранч. Приоритет ќе ми беше да го најдеме Тошка, дури и по цена оваа година да не сум дел од Илинденскиот марш. Морам да кажам дека најзаслужни за тоа се мојот татко и неколкумина од коњицата, кои несебично повеќе од десет часа го бараа Тошка.

Славе ТАСЕВСКИ

Фото: Ѕ. Плавевски