„Мевлем“ – хуманитарен концерт на Белградската музичка младина во спомен на загинатите во Кочани

24

Хуманитарен концерт во спомен на загинатите во трагичниот пожар во Кочани, насловен „Мевлем“, ќе се одржи в сабота, на 29 март, во културниот дом „Пароброд“ во Белград, соопшти Белградската музичка младина.

„Мевлем“ е уметнички концепт на композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој ги поврзува музиката и поезијата, создавајќи простор за подлабоко разбирање, исцелување и сочувство преку уметноста.

Проектот „ѝ нуди на публиката уникатно емотивно искуство, суптилно допирајќи ги темите на загубата, љубовта, сеќавањето и надежта“.

– Концертот е можност колективно да се изрази солидарноста со повредените и нивните семејства и да им се оддаде почит на жртвите во трагедијата. Влезот е бесплатен, а секој што е во можност да донира пари, ќе биде добредојден. Сите собрани пари ќе бидат наменети за семејствата на повредените во пожарот – се вели во соопштението.

Ќе настапат Марко Виденовиќ (пијано/рецитација), Памела Велкова (виолина), Верица Ајтовска (виола) и Енис Алји (виолончело).

Концертот (19:00 часот) е во организација на Белградската музичка младина и на долгогодишниот пријател – Музичката младина на Македонија.

– Нека „Мевлем“ биде лек за целото наше општество – се додава во соопштението.

ИЗДВОЕНИ