Методологиите за утврдување на тарифите за струја во фокусот на разговорите меѓу РКЕ и РЕГАГЕН

35

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комуналниот отпад на Северна Македонија (РКЕ) и Регулаторната агенција за енергетика и водни услуги на Црна Гора (РЕГАГЕН) потпишаа меморандум за соработка. Методологиите за утврдување на тарифите за електрична енергија и за водни услуги, заштитата на потрошувачите, како и институционалниот развој низ призма на градење професионални капацитети се дел од интересот на кој се фокусира регулаторната соработка, соопшти РКЕ.

– Градењето професионални капацитети е приоритет за нас, регулаторите. Формирањето цени се чини како едноставен процес, но, во суштина, бара исклучителна експертиза, не само од технички аспект туку и од економски и правен. Цените што ги носиме треба да обезбедат сигурна, стабилна и непречена испорака на енергенси, односно снабдување со вода, но во исто време треба да биде прифатлива цената за потрошувачите, воедно да ги заштити и ранливите категории. За да се реализира успешно овој комплексен процес, неопходни се континуирани надградба и едукација на вработените и тоа е единствениот правилен пат како се градат професионални регулаторни капацитети – изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Регулаторната работилница е втора по ред што се одржува меѓу РКЕ и РЕГАГЕН.

– Потпишувањето на меморандумот со РКЕ е формализирање на нашата долгогодишна соработка. Пандемијата и енергетската криза ни покажаа дека сите заедно – земјите од регионот се соочуваме со исти предизвици. Синхронизираниот пристап во дејствувањето се наметна како природен чекор, особено во турбулентно време. Размената на искуства не е само декларативна заложба, има практично влијание во креирањето решенија, кои се предуслов за сигурна, стабилна и непречена испорака на електрична енергија и на вода – истакна Бранислав Прелевиќ, претседател на Одборот на РЕГАГЕН.

Претходно, РКЕ потпиша меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад и со грчката Регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).

ИЗДВОЕНИ