Металка цевка, монети… Папата Франциск пред смртта одлучил со кои предмети сака да биде погребан

918
EPA-EFE/ALESSANDRO DI MEO / POOL

По смртта на папата Франциск, неговото тело беше изложено во Ватикан. Јавната проштална обиколка во базиликата Свети Петар завршува вечерва, а погребот ќе се изврши утре, 26 април.

Илјадници верници во последните денови пристигнаа во Ватикан за да му оддадат почит, а на утрешниот погреб се очекува да присуствуваат до 200.000 луѓе.

Најавено е пристигнување на повеќе од 130 странски делегации, меѓу кои и принцот Вилијам, Доналд Трамп и Володимир Зеленски.

Папата Франциск ги истакна своите желби во врска со погребот додека тој беше жив, вклучително и неколку отстапувања од традиционалниот обред.

За ковчегот избрал едноставен галванизиран ковчег во дрвена кутија, нагласувајќи дека сака „едноставен“ погреб. Со него ќе бидат закопани одредени предмети.

Како што и претходно ја изрази својата желба, папата ќе биде погребан во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим. Во својот последен тестамент и завет тој напишал: „Посакувам моето последно земно патување да заврши токму во ова древно маријанско светилиште, каде што секогаш застанував на почетокот и на крајот на секое апостолско патување за да се молам, доверувајќи ги моите намери на Пречистата Мајка и благодарејќи ѝ за нејзината нежна и мајчинска грижа“.

Вечерва, во пресрет на погребот, телото на папата Франциск ќе биде посипано со света вода, а неговото лице ќе биде покриено со бела свилена ткаенина.

Пред да се запечати ковчегот, внатре ќе биде поставена мала кеса со монети издадени за време на неговиот 12-годишен понтификат.

Тој, исто така, ќе биде погребан со метална цевка која содржи документи и кратка папска биографија. Оваа кратка биографија ќе се прочита на глас пред да биде ставена во ковчегот.

Познат како скромен и едноставен човек и водач, папата Франциск ги истакна овие квалитети преку неговите инструкции за погреб, изразувајќи незадоволство од „прекумерната помпа“ на традиционалните погребни обреди на Ватикан. Во тестаментот Папата дополнително напиша: „Гробот да биде во земја, едноставен, без посебни украси, само со натпис: Франциск“.

Завршувајќи ги своите последни писмени сведоштва, Папата додаде: „Господ обилно да ги награди сите оние кои ме сакаа и кои продолжуваат да се молат за мене. Му ги принесувам на Господа страдањата што го одбележаа последниот дел од мојот живот за мир во светот и братство меѓу народите“.

ИЗДВОЕНИ