Мета објави дека корисниците на „Инстаграм“ помлади од 16 години повеќе нема да можат да пренесуваат во живо или да гледаат заматени голи слики што ги добивале преку директни пораки без дозвола од родителите.
Новите мерки прво ќе важат за корисниците во САД, Велика Британија, Канада и Австралија, а потоа ќе се применуваат и на корисниците ширум светот во наредните месеци, објави „АП“.
Оние под 16 години исто така ќе бидат блокирани да користат „Инстаграм во живо“ (Instagram Live), освен ако нивните родители не им одобрат.
Во исто време, „Мета“ објави дека воведува и мерки за заштита за корисниците на своите платформи Фејсбук и Месинџер кои се помлади од 18 години.
Овие мерки вклучуваат блокирање приватни пораки од непознати лица, строго ограничување на чувствителните содржини како што се видео пораки со сцени на насилство и суспендирање на известувањата во текот на ноќните часови.
„Профилите на тинејџерите на „Фејсбук“ и „Месинџер“ ќе имаат автоматска заштита од несакани и несоодветни содржини и контакти, како и опции кои обезбедуваат младите да го поминуваат времето на добар начин“, изјави Мета.
Компанијата ја започна својата програма за отворање тинејџерски профил на „Инстаграм“ во септември минатата година, за да им понуди на родителите повеќе опции за контрола на онлајн активноста на нивните деца. Како што е соопштено, оттогаш се отворени најмалку 54 милиони сметки за тинејџери.