Платата за тековниот месец да биде исплатена најдоцна до 5. следниот месец, наместо до 15., како што е случајот досега, е предлогот за измени на Законот за работни односи што го достави Левица до Собранието. Оттаму сметаат дека ќе се обезбеди навремена и правична исплата на платите.
– Причините за измена се повеќебројни, дел од нив е финансиската сигурност на работниците. Во многу домаќинства, платата е единствениот доход на семејствата, а моменталната практика на исплата на платите до 15. во месецот предизвикува финансиска нестабилност и задоцнети плаќања на режиските трошоци – образложи пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ.
Тој истакна дека, поради доцнењето на платите, многу работници се принудени да земаат брзи кредити, дозволени минуси и позајмувања со високи камати, односно прекумерно се задолжуваат.
– Ова дополнително ја влошува нивната финансиска состојба. Имаме намалување на економската нееднаквост. Постојат работници што ја добиваат платата на почетокот од месецот, додека мноштвото ја добива платата дури до 15. Ова создава нееднаквост и неправеден товар врз дел од работниците – истакна тој, потсетувајќи дека во многу европски држави платите се исплаќаат до крајот на тековниот месец или, најдоцна, во првите денови од наредниот месец.
Со ваква порана исплата на платите, Мециновиќ вели дека работниците и нивните семејства ќе имаат финансиска стабилност, намалени задолжувања, избегнување непотребни камати, зголемена продуктивност и крајно подобрување на целокупната економска состојба на земјата.
– Со оваа измена не се создава никаков дополнителен финансиски товар на ниту еден елемент во економијата – рече Мециновиќ и очекува предлог-законот да биде поддржан во Собранието и да стапи на сила што е можно поскоро.