Шпанските медиуми пренесуваат дека најдобриот фудбалер во историјата, Лионел Меси (37), има желба да го види хрватскиот репрезентативец Лука Модриќ (39) во дресот на Интер Мајами. На Хрватот му истекува договорот со Реал Мадрид во текот на летото, па нема да биде чудно ако се реши за таков потег со оглед на тоа што е во поодминати години и со оглед на темпото во американската лига. Клубот, кој е во косопственост на Дејвид Бекам, беше заинтересиран за Модриќ во последните години, но тој го продолжуваше договорот со Реал на по една сезона.
Но, Шпанците велат дека ќе биде тешко да се случи тоа ова лето. Посочуваат дека Реал, по предвремената елиминација од Лигата на шампионите и заостанувањето зад Барселона во Ла Лига, тргнува на генерален ремонт и дека сè поверојатно е дека, како дел од тоа, ќе му се заблагодари на Модриќ. Тој е капитен, легенда на клубот и најодликуван играч, но, по 13 години во Мадрид, се чини дека е блиску до заминување. Неговиот договор завршува на 30 јуни, а Реал сè уште не му понудил за негово продолжување.
Модриќ, и покрај возраста, не сака да се пензионира, бидејќи целта му е да игра за Хрватска на Светското првенство следната година. Ова ќе му биде одлична можност да ја одржува формата во САД, од каде што е клубот што го посакува. Интер Мајами е предводен од Меси, а во тимот се и неколкумина ветерани легенди на Барселона: Луис Суарез, Серхио Бускетс и Жорди Алба.
Интер Мајами ја заврши минатата регуларна сезона во МЛС како тим со најмногу бодови, но потоа беше елиминиран во првото коло од плејофот, од Атланта. Новата сезона ја отвори со пет победи и три ремија, а летово ќе игра на Светското клупско првенство.