Мерко набавил „ауди“ за да ја зачува традицијата во општинскиот возен парк

596

Основниот суд во Струга денеска повторно му закажа две рочишта за два различни случаи во еден ден на градоначалникот Рамиз Мерко. За луксузното „ауди“ вредно 66 илјади евра, беа сослушани сведоци на предлог од одбраната.

Внуката на градоначалникот Мерко, Ерканда Балута, вработена во Општината, сведочеше од позиција на членка на Комисијата за набавки, и рече дека во целост била почитувана процедурата за набавка, за што била донесена и одлука на Советот на Општината. Постапката била јавна и бил избран најповолниот понудувач, со што биле набавени четири возила, од кои три „шкоди“ и луксузното „ауди“.

Обвинителот ја праша како била утврдена потребата за набавка на луксузно возило од 66.000 евра и кои критериуми биле користени, на што таа одговори дека имало спецификација, но и дека возилата од претходниот возен парк биле „ауди“ и „мерцедес“ со висока вредност.

Сведочеше и претседателот на Комисијата за јавни набавки, Алија Ајдиновски, вработен во Општина Струга, кој рече дека постапката била водена согласно со Планот и Законот за јавни набавки.

– Општината носи годишен план за јавни набавки и во него беше планирана набавка на возила. Имавме две понуди, и ја одбравме најповолната. Имавме и ревизија во 2019 година, немаше ниту една забелешка, бидејќи постапката беше водена согласно со Законот – кажа Ајдиновски.

Поранешна вработена во Државниот завод за ревизија, која сега е пензионерка, Лилјана Стојанова од Скопје, се чудеше во судницата зошто ја повикал Судот да сведочи, бидејќи тогаш била заменичка на државниот ревизор, а на терен во Општина Струга ревизија правеле други колеги.

– Требаше да се обратите во институцијата, таа ќе определи кој може да биде сведок. Под стрес сум, првпат влегувам во суд, сум била дел од над 200 извештаи – рече таа и објасни дека при ревизија се контролираат четири сметки, особено сметката за основниот буџет.

– Во услови на блокирана сметка, претседателот на судот дава одобрение за функционирање на општината и одобрен месечен лимит. Од 50 милиони месечно, а за 12 месеци, лимитот бил поголем од вкупниот буџет на Општината во тоа време – кажа Стојанова.

Судијата Јордан Јованов кажа дека фазата со испрашување на сведоците е завршена, со што на следното рочиште, на 9 јуни, ќе следуваат завршните зборови на одбраната и на обвинителството.

Во Основниот суд во Струга дееска се одржа и рочиште против Мерко за поставувањето на спомен-плочата на општинската зграда, напишана само на албански јазик и со која се велича фашистичката окупација на градот, кога Албанското Кралство го востановило албанскиот јазик како службен во Југозападна Македонија.

Против градоначалникот на Струга се водат вкупно девет судски постапки во кои му се заканува затворска казна.

ИЗДВОЕНИ