Меркел во своите мемоари за Западен Балкан: „Само членството на сите земји во ЕУ може да обезбеди мир“

1

Во нејзините мемоари од 740 страници „Freiheit“ (Слобода), кои беа објавени на 26 ноември 2024 година, поранешната германска канцеларка Ангела Меркел сега открива што претпочитала да задржи за себе за време на нејзиниот мандат.

Мемоарите откриваат како се чувствувала оваа голема државничка за време на посетите на странските делегации во нејзиниот кабинет, особено истакнувајќи ги нејзините емоции и трепетот што понекогаш го доживувала.

Цело поглавје во мемоарите на Меркел е посветено на Западен Балкан. Меркел ја опишува средбата со вицеканцеларот Зигмар Габриел, министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер и други. Според напишаното од Меркел, Габриел рекол дека не треба само да се враќаме во минатото, туку и да размислуваме за лекциите од историјата за денешните проблеми.

„Во право сте, особено кога станува збор за Првата светска војна. По југословенските војни од 1990-тите, мораме да придонесеме за трајно обезбедување на мирен соживот на Западен Балкан, таму имаме уште многу работа“, рече таа.

Како што потсетува Меркел, во тоа време Словенија и Хрватска веќе беа во ЕУ, додека другите земји од регионот – Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија беа во една или друга фаза од патот кон ЕУ.

„Но, во нашите дискусии најмногу бевме загрижени за постојаните тензии, пред се меѓу Србија и Косово, како и во државите, особено Босна и Херцеговина. И во 2014 година, сто години по почетокот на Првата светска војна, мирот во регионот беше кревок“, пишува поранешната канцеларка.

На опишаната средба, пишува таа, предложила на состанок да се соберат земјите од Западен Балкан кои се уште не се во ЕУ за да ја зајакнат меѓусебната соработка. Штајнмаер предупреди дека тоа може да изгледа несоодветно – дека, со оглед на историјата на Германија, Берлин повикува на такви состаноци без поширок договор во Европа.

Меркел се согласила. Првата конференција ја организираше Германија, но се приклучија и други. Така се роди таканаречениот Берлински процес, кој Меркел го смета за „голем успех“.

Најпрво, како што пишува, биле договорени конкретни проекти на Европската комисија и државите од регионот, инфраструктурни проекти, канцеларијата за младинска соработка RYCO и економска соработка.

„Добро е што не дочекавме сите тие земји да станат дел од Европската унија за да најдеме модели на соработка“, вели Меркел.

Сепак, краткото поглавје во мемоарите заклучува дека има уште многу проблеми: „Бев и останав убедена дека само членството на сите земји од Западен Балкан во ЕУ може да обезбеди траен и мирен соживот во регионот. Колку и да е трнлив патот до таму, мора да се следи“.

Земјите од регионот уште се споменуваат во описот на важниот и драматичен самит на НАТО во Букурешт во 2008 година. Тогаш на дневен ред беше влезот на Хрватска и Албанија во НАТО, а Грција го блокираше влезот на Македонија. Но, тоа поглавје е особено под лупата на германската јавност бидејќи Меркел тогаш беше меѓу оние кои се спротивставија на брзиот прием на Украина и Грузија во НАТО.

Во поглавјето „Ќе успееме“ (Wir schaffen das) – што е најпознатата изјава на Ангела Меркел со која ја охрабруваше јавноста дозволувајќи влез на стотици илјади бегалци – таа потсетува дека во Германија и пред тој бран, како баратели на азил доаѓале граѓани на Србија, Македонија, Црна Гора, БиХ и Албанија на кои не им требаше виза за влез во Шенген зоната.

Договорот што го постигна со Турција во 2016 година, таа земја да ги задржи мигрантите во замена за милијарди евра од Брисел, Меркел го брани велејќи дека сакала трајно да го намали бројот на пристигнувања и да ги поштеди самите мигранти од страдање во Егејското Море.

„Додека илјадници луѓе секојдневно пристигнуваа оттаму преку Грција, напорите – кои ги бараа некои европски лидери – од Словенија, Хрватска, Србија и Македонија да ги затворат своите граници на балканската рута за бегалците и мигрантите, беа повеќе израз на кратковидно размислување отколку патишта до решенија“, пишува Меркел.