Менче Андреева од Велес, со одлука на Владата, е назначена за директорка на Инспекторатот за македонски јазик, потврдија од Министерството за култура и туризам. Андреева е дипломирана лекторка на Филолошкиот факултет, катедра за македонски јазик и литература, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Таа досега била вработена како наставник по македонски јазик во Основното училиште „Рајко Жинзифов“ во Горно Оризари, Велешко.
Со назначувањето на Андреева за директорка на Инспекторатот за македонски јазик, се очекува да започне примената на Законот за употреба на македонскиот јазик што беше изгласан лани, кон крајот на јануари и до сега практично не беше започната неговата примена.
Инспекторатот за македонски јазик треба да ја надгледува примената на Законот за употреба на македонскиот јазик во државните институции, органите на државната управа и во медиумите. Инспекторатот има задача да опоменува, но и да казнува доколку не се применуваат одредбите од Законот за употреба на македонскиот јазик. Тој предвидува задолжително лекторирање на документи и други материјали, но и задолжително вработување лектори во институциите и медиумите.