Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО од април ќе почне со издавање на Гаранции за потекло на електрична енергија (Guarantees of Origin – GOs). Станува збор за електронски документ кој им овозможува на потрошувачите јасен доказ дека одреден удел или количина од електричната енергија што ја користат е произведена од обновливи извори.

– Гаранциите за потекло се етаблирани како еден од главните механизми во Европската Унија за следење и потврдување на потеклото на електричната енергија. Тие не само што промовираат еколошка одговорност и одржлив развој, туку исто така ја зајакнуваат транспарентноста и довербата меѓу потрошувачите и производителите на енергија – истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска на вчерашната јавна расправа за правилата за администрирање на Гаранциите за потекло на електрична енергија, а на која присуствуваа претставници на клучните чинители во енергетскиот сектор, приватните компании и стопанските комори.

МЕМО е одговорен за воспоставување и управување со Регистарот на гаранции за потекло, вклучувајќи нивно издавање, евидентирање на пренос, признавање, укинување или поништување. Управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски нагласила дека МЕМО активно работи на имплементација на системот за Гаранции за потекло во соработка со Греџел – водечка европска компанија во оваа област.

– Нашиот стручен тим, заедно со експертите од Греџел, посветено работи на целосна реализација на процесите за издавање и трансфер на Гаранциите за потекло. Очекуваме тие да бидат финализирани и од април веќе да започнеме со нивно официјално издавање. Ова претставува само прв чекор во процесот кон полноправно членство на МЕМО во АИБ и издавање на Гаранции на потекло кои ќе бидат признаени во ЕУ, што е особено значајно за домашните компании кои вршат извоз на европскиот пазар, овозможувајќи им полесен пристап до потрошувачите кои бараат потврдени извори на обновлива енергија – нагласи Ѓорѓиевски.

Гаранции на потекло се издаваат само за електроцентрали што произведуваат електрична енергија од обновливи извори на енергија запишани во Регистарот на електроцентрали за производство на електрична енергија од обновливи извори, кој го води Министерството, кои произведуваат електрична енергија на територија на Македонија.

Во изминатиот период, МЕМО, со поддршка на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, стана член-набљудувач на Асоцијацијата на издавачки тела.

ИЗДВОЕНИ