Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО во првиот квартал од годинава го воведува еврото како валута за тргување со електрична енергија. Управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски вели дека зајакнувањето на Македонската берза на електрична енергија е приоритет за МЕМО, со цел да се обезбеди сигурно и транспарентно место за тргување на електрична енергија за сите учесници на пазарот.

– Со воведувањето на еврото пазарот станува поотворен за меѓународно тргување со електрична енергија, а воедно ова е и еден од предусловите за пазарно спојување (market coupling) со берзите на соседните земји и членки на ЕУ – истакна Ѓорѓиевски на средбата со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

Во овој момент 37 компании тргуваат на домашната берза за електрична енергија започна со работа на 10 мај 2023 година. Според Ѓорѓиевски, за неколку месеци ќе биде целосно имплементиран и софтверот за успешно спроведување на планот за издавање гаранции за потекло на електрична енергија. Напоредно со овој процес се работи и на воспоставување регистар на гаранциите за потекло на електрична енергија.

Божиновска ја нагласи важноста на воспоставување и водење на регистарот на гаранциите за потекло на електрична енергија како значаен механизам кој придонесува за енергетска транзиција и доверба на пазарот.

– МЕМО игра клучна улога во обезбедувањето на енергетска стабилност и транспарентност на пазарот на електрична енергија. Како Министерство, целосно ја поддржуваме оваа институција во напорите за модернизација и развој, што е клучно за енергетската стабилност и економскиот развој на земјата – истакна министерката Божиновска.

Министерката беше информирана и за тековните активности на МЕМО за успешно спроведување на планот за издавање гаранции за потекло на електрична енергија. Како што истакна Ѓорѓиевски, очекуваат целосна имплементација на софтверот за неколку месеци.

– Овие механизми ќе обезбедат поголема транспарентност и конкурентност, што е од суштинско значење за привлекување инвестиции во обновливи извори на енергија и зајакнување на економската стабилност на енергетскиот сектор – додаде министерката.

Преку МЕМО истргувани 775 GWh електрична енергија во декември

За задоволување на вкупната потрошувачка во земјава, според податоците на МЕМО, минатиот месец се реализирани трансакции на учесниците на пазарот на електрична енергија односно бруто-конзум во висина од 775 GWh. Во истиот месец продадена е електрична енергија во нето конзум од 595 GWh и тоа 63 % на тарифни потрошувачи снабдувани преку универзалниот снабдувач, 31% на снабдувани потрошувачи и 6% на потрошувачи регистрирани на пазарот на електрична енергија на големо.

На пазарот на електрична енергија реализирани се трансакции од сопствено производство во висина од 540 GWh, од кои ЕСМ со 327 GWh, поточно со 61%, учествуваат со најголем процент, потоа следат независните производители со 147 GWh или 27%, виртуелни производители со 31 GWh односно 6% и повластените производители кои користат повластена тарифа на електрична енергија со 35 GWh односно 6%.

Од сопственото производство 85% е продадено за задоволување на бруто конзумот односно 458 GWh, а 15% односно 82 GWh се деклариран извоз. Бруто транзитот на електрична енергија, изнесува 432 GWh, каде нето транзитот е 413 GWh, а контратрејдингот е 19 GWh.

ИЗДВОЕНИ