Меланија Трамп наскоро повторно ќе стане прва дама на САД. Во пресрет на почетокот на вториот мандат на Трамп, Меланија даде интервју за Фокс њуз во кое сакаше да се прикаже како жена која не е зависна од својот сопруг.
„И првиот пат бев своја, едноставно ми се чинеше дека луѓето не ме сфаќаат сериозно или не ме прифаќаат, можеби сега ќе биде поинаку. Немав голема поддршка. Можеби некои луѓе ме гледаат само како сопругата на претседателот, но јас стојам на свои нозе, имам свои размислувања“ – истакна таа.
„Не секогаш се согласувам со она што го кажува или прави мојот сопруг и тоа е во ред. МУ давам мои совети, понекогаш ќе ме послуша, понекогаш не“, додава низ смеа Меланија.
Со месеци се шпекулира каде ќе живеат Меланија и Барон за време на вториот мандат на Трамп. Идната прва дама откри дека нема трајно да се пресели во Белата куќа, туку по потреба ќе живее и во Њујорк и Палм Бич на Флорида.
Уште во септември минатата година, таа рече дека Барон решил да живее во Трамп Тауер, семејната резиденција на Менхетен, поради факултетот. И покрај тоа, вели таа, има подготвена соба за него во Белата куќа во која може да остане кога ќе одлучи да го посети семејството.
Откако ја напушти Белата куќа во 2021 година, таа го поминува времето помеѓу Палм Бич и Њујорк додека нејзиниот сопруг се соочи со низа правни проблеми и се подготвуваше за својата трета кампања. Иако другите членови на семејството Трамп редовно му се придружуваа на поранешниот претседател на суд и во кампањата, Меланија главно се повлече од јавниот живот.