МЕЃУЦРКОВНИ ТАКТИЗИРАЊА: Каква порака испрати Вселенската патријаршија со неиспраќањето сочувство за владиката Тимотеј?

202
Во црковните кругови може да се дознае дека причините за неиспраќањето изрази на сочувство од Вселенската патријаршија треба да се бараат во неисполнувањето на нејзиното барање со кое МПЦ-ОА треба да го смени односот кон Православната црква во Украина, признаена од ВП. Додека се чека на одлуката на нашата Комисија и на промената на односот кон ПЦУ, станува очигледно дека Вселенската патријаршија практично како да ги замрзнала односите со МПЦ-ОА

 

Заминувањето и погребот на дебарско-кичевскиот владика, Тимотеј, предизвика реакции и сочувство од православните цркви, но не од сите. Речиси три недели по неговиот погреб, на епархиската адреса и на адресата на Синодот на МПЦ-ОА сè уште не се пристигнати изрази на сочувство од Вселенската патријаршија, но и од некои други цркви. На интернет-порталот Литургија.мк, на кој деновиве уредно и внимателно се објавуваа сите телеграми со сочувството, барем досега, вакви пораки не се забележани. Досега, објавени се изразите на сочувство од рускиот патријарх – Кирил, од првиот човек на Одделот на РПЦ за надворешни релации – Антониј, од српскиот патријарх – Порфириј, од неколкумина српски владици, од албанскиот архиепископ – Анастасиј, од бугарскиот патријарх – Даниил… Но, меѓу нив нема изрази на сочувство од вселенскиот патријарх – Вартоломеј, митрополит на Имврос – Кирил, кој последниве месеци често доаѓаше во Македонија, нема од Грчката и од Кипарската архиепископија, од Романската православна црква… Со тоа, се отвора прашањето зошто решија овие црковни великодостоинственици, а особено Вселенската патријаршија, со која владиката Тимотеј имаше интензивна комуникација последниве години, да го премолчат неговото заминување.

Во црковните кругови може да се дознае дека причините за неиспраќањето изрази на сочувство од Вселенската патријаршија треба да се бараат во неисполнувањето на нејзиното барање со кое МПЦ-ОА треба да го смени односот кон Православната црква во Украина, признаена од ВП. Познато е, Македонската црква во март минатата година реши да не сослужува и да не ја признае ПЦУ сè додека не го сторат тоа другите православни цркви, а што предизвика отворено незадоволство кај Вселенската патријаршија. Токму владиката Тимотеј, во едно телевизиско интервју во февруари годинава, кажа дека проблемот со нашето непризнавање на ПЦУ „ги забави преговорите со Вселенската патријаршија, од која очекуваме томос за автокефалност“.

По ова, во март годинава, владиците Тимотеј и Наум беа во посета на Вселенската патријаршија, на прием во чест на новиот кипарски архиепископ. Но, подоцна не беа кажани од нив двајца детали за средбата со вселенскиот патријарх, Вартоломеј, и дали било разговарано за томосот што треба да го издаде тој за автокефалноста на МПЦ-ОА.

– Кога се знае дека само еден месец подоцна митрополитот на Имврос, Кирил од Вселенската патријаршија, при посетата во Македонија отворено кажа дека се бара од нашата црква да ја признаеме Православната црква во Украина, тогаш е јасно каква порака им била кажана на владиците Тимотеј и Наум. Очигледно е дека ВП сака промена на нашиот став, макар и некој наш владика да одржи заедничка служба со некој од владиците на ПЦУ, на чело со митрополит Епифаниј – е едно од размислувањата што може да се слушнат во македонските црковни кругови.

Очигледно, барањето на причините за неиспраќањето изрази на сочувство по повод смрта на владиката Тимотеј води кон незадоволството на патријархот Вартоломеј од неменувањето на нашиот став кон ПЦУ, а на која тој ѝ го дал томосот за автокефална црква.

МПЦ-ОА во февруари годинава оформи посебна Комисија за анализа на статусот на Украинската црква, на чело со брегалничкиот владика Иларион. Но, сè уште не е соопштено до какви констатации дошла таа и дали ќе следува некаква промена на односот.

Оттаму, додека се чека на одлуката на Комисијата и на промената на односот, станува очигледно дека Вселенската патријаршија практично како да ги замрзнала односите со МПЦ-ОА. Пораката сега како да е пратена со неиспраќањето телеграма со сочувство за заминувањето на владиката Тимотеј, кого достоинствениците на ВП често го означуваа како „важна алка во односите меѓу двете цркви во процесот на издавање на томосот за нашата црковна автокефалност“. Но, во мај годинава, македонскиот архиепископ, г.г. Стефан, изјави  дека Вселенската патријаршија ни поставува неприфатливи услови за да ни додели томос за автоклефалност. Тој посочи дека биле поставени неприфатливи услови: откажување од името Македонска православна црква, отстапување на македонската дијаспора и признавање на Православната црква на Украина.

– Ако ни даде томос, ние ќе го прифатиме, но условите што ни се поставуваат се неприфатливи за нас: откажување од името Македонска православна црква, отстапување на македонската дијаспора и признавање на Украинската црква, која ја призна Цариград. Името ние си го имаме, тоа име е наше, на никој друг не му припаѓа и затоа не треба никој да бара да се откажуваме од него, а името на нашата црква е Македонската православна црква, возобновена Охридска архиепископија, затоа се содржат двете имиња во името на нашата црква. Дијаспората, кога ќе преземат од сите други православни народи што имаат своја дијаспора, тогаш нека биде и нашава, но тешко ќе биде реализирано тоа прашање, односно одговорено во позитивна насока кон барањата на Цариградската патријаршија – изјави г.г. Стефан. (Б.Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ