Вo недела, 27 април, во 20 часот по американско локално време на телевизијата „Фокс“ ќе биде објавена 15. епизода од 36. сезона на „Симпсонови“, во која првпат во историјата на оваа мегапопуларна анимирана серија ќе има лик Македонец.
Оваа вест ја објави Нев Нешкоска, која заедно со нејзиниот брат Наум и сестра ѝ Калина е основач на детскиот едукативен канал „Дарко Биберко“.
– Креаторите на „Симпсонови“ одлучиле да внесат лик – спортист кој доаѓа во Спрингфилд како голема сензација од Македонија. За кој спорт станува збор? Нормално, за најпопуларниот и најисконски македонски спорт… бејзбол – објави Нешкоска.
Додаде дека таа лично имала консултантска улога, а сите тројца учествувале во превод и испеале песна преведена од англиски на македонски.
Сиже за епизодата веќе е објавено и на IMDb.