Меџити: Проблемот со аерозагадувањето го решаваме со нашите партнери!

19

– Проблемот со аерозагадувањето го решаваме со нашите партнери кои даваат грантови, помош, искуства и знаења. Работиме интензивно на тоа. Со проширувањето на централното греење и со развивање на градот и урбаните средини, и во иднина со гасификација на државата и со мерките што ги преземаме, полека но сигурно ќе го решиме тој проблем, соопшти првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити. Според него, потребни се мноштво мерки за решавање на загаадениот воздух.

Тој информираше дека Владата обезбеди 100 милиони евра за проектите за општините низ државата.

– Ќе решаваме напластени проблеми кои директно ги бараат граѓаните да се решат. До нас се стигнати добри проекти од сите општини, а одлуката за распределување средства ќе боде донесена оваа недела – појасни Меџити и нагласи дека нема да има никаква дискриминација, ниту по партиска, политичка или етничка припадност, а секој граѓанин ќе може да добие бенефит без разлика во која општина живее.

Како еден од значајните проекти на Владата во првите 100 дена, како што рече, пред одобрение имаме одлука за едношалтерски систем на граничните премини Блаце, Ќафасан, Јажинце и Табановце.

– Со оваа одлука овозможуваме побрзо одвивање на сообраќајот и трговијата на граѓаните на граничните премини кои се од исклучително значење за нашите граѓани, но и за нашите сонаридници кои доаѓаат за работа, трговија, здравствени потреби или посета на своите фамилии – рече Меџити.

Тој нагласи дека ја почнале битката со коцкањето.

– Минатите години ова стана рак на општеството. Илјадници наши сограѓани претрпеа штети, финансиски, семејни, морални и економски. Илјадници наши луѓе избегаа во странство. Минатата Влада го донесе коцкањето во секоја улица, во секое маало, пред секое училиште и секое игралиште. На крај сакаа да го донесат на телефоните и компјутерите на нашите деца. Тоа го запревме – потенцира Меџити.