Палестинската милитантна група Хамас можеби е подготвена да ослободи некои заложници во замена за прекин на огнот за време на празникот Рамазан Бајрам, објави израелската државна телевизија Кан.
Телевизијата вели дека се уште не е јасно што ќе бара Хамас во замена за ослободување на мала група заложници, меѓу кои и израелско-американскиот државјанин Едан Александар.
Нагласено е дека посредниците во преговорите меѓу Израел и Хамас гледаат подготвеност кај некои високи членови на групата да ослободат мал број заложници за да се обезбеди прекин на огнот за време на Бајрам и дека милитантната група сака да ги прекине протестите што избувнаа против неа низ Појасот Газа во последните денови, објави „Тајмс оф Израел“.
Хамас сака да ги сузбие оние кои учествуваат во протестите, но не може да го стори тоа поради продолжувањето на израелските операции во Газа.
Прекинот на огнот, дури и на неколку дена, ќе му овозможи на Хамас да ги задржи протестите, кои беа главен извор на немири во палестинската терористичка организација, тврди израелската телевизија.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одби да ги запре операциите против Хамас додека не ја уништи групата и затоа одби да влезе во спроведувањето на втората фаза од прекинот на огнот што започна на 19 јануари.
На 18 март Израел продолжи со интензивните воени операции низ Појасот Газа, а Хамас ослободи 33 заложници за време на првата фаза од прекинот на огнот.