Медицински транспортен авион во кој се превезувале болно дете, неговата мајка и уште четири лица се урна во станбена населба во Филаделфија набргу по полетувањето, а според првичните информации во несреќата нема преживеани.
Авионот експлодирал во воздух, а пожар зафатил неколку куќи во областа, а неколку автомобили биле оштетени, пренесе АП.
Повредени се и неколку лица кои се нашле во близина на местото на несреќата.
Градоначалничката на Филаделфија Шерил Паркер изјави дека информациите за бројот на жртвите се уште не се потврдени, но истакна дека се оштетени неколку домови и возила.
Авионот Леарџет 55, кој полета од аеродром во североисточна Филаделфија, исчезна од радарот неколку минути по полетувањето во 18:06 часот.
Летот бил на пат кон Спрингфилд, а авионот бил регистриран во Мед Џетс.
Сведоците пријавиле дека слушнале силна бучава пред да го видат пламенот.
„Видовме голем пламен и остатоци од авионот“, рече Џим Квин, кој ја снимил експлозијата на надзорна камера и ја доставил до АП.
Сите жртви биле државјани на Мексико.
Американскиот претседател Доналд Трамп изрази сочувство преку социјалната мрежа „Truth Social“, нарекувајќи ја несреќата „трагична“.
Гувернерот на Пенсилванија Џош Шапиро ја понуди својата целосна поддршка во закрепнувањето и истрагата.
Авионот се урнал на фреквентна раскрсница во населбата Ронхерст, во близина на трговскиот центар Рузвелт.
Снимката од местото на несреќата покажува остатоци од авионот расфрлани низ раскрсницата.
Несреќата се случи само два дена откако авион на Американ ерлајнс се судри со воен хеликоптер во Вашингтон, при што загинаа 67 лица.