Медицински лица во Австралија се фалат дека убиваат израелски пациенти, повикана полиција

112

Одделот за здравство на Нов Јужен Велс во Австралија повика полиција и почна итна истрага откако на социјалните мрежи се појави снимка на која се гледаат двајца медицински работници од болницата „Банкстаун“ како се фалат дека убиваат и одбиваат да лекуваат израелски пациенти, дознава „Сиднеј морнинг хералд“.

На снимката објавена на Инстаграм и на ТикТок, израелскиот инфлуенсер Макс Вејфер разговара со маж и жена.

-Не би го лекувала туку би го убила. Еден ден ќе дојде вашето време и ќе умрете на најстрашниот начин, рекла жената на прашањето што би се случило ако израелски пациент дојде во болница.

-Немате поим колку Израелци дојдоа во оваа болница, а јас ги испратив во џенем (подземјето), рекол човекот.

Австралискиот премиер Крис Минс вчера изјави дека лицата се идентификувани и суспендирани од должност во очекување на целосна истрага. Министерот за здравство на Нов Јужен Велс, Рајан Парк, рече дека е згрозен од снимката, која стана вирална на социјалните мрежи, додека заменик-министерот за надворешни работи на Израел повика на отпуштање на мажот и жената кои се појавуваат на видеото.

-Ако истрагата го потврди ваквото однесување, овие лица повеќе нема да работат за Одделот за здравство на Нов Јужен Велс, рече тој.

Израелскиот заменик-министер за надворешни работи Шарен Хаскел рече дека треба да се спроведе истрага и додаде дека антисемитизмот е болест што се шири низ Австралија.

Извршниот директор на Австралискиот еврејски совет Алекс Ривчин рече дека видеото е вознемирувачко за гледање.

-Нивната нечувствителна, радосна омраза е увертира за насилството што сега го доживуваме во нашата земја и мора да се искорени, посочи тој

ИЗДВОЕНИ