Вицепремиерот Изет Меџити вечерва одговори на изјавите на министерот за јавна администрација од партијата ЗНАМ, Горан Минчев, во врска со вработувањата во државните институции. Меџити претходно најави вработување на неколку илјади Албанци во државната администрација.
Минчев да се откаже од реториката на Димитар Апасиев и да не се однесува како негова копија – му порача првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, на својот владин колега од редовите на Движењето ЗНАМ, министерот за јавна администрација, Горан Минчев.
Неговата реакција следува откако претходно денеска, реагирајќи на изјавата на Меџити оти за една година ќе се вработат илјадници Албанци во државната и јавната администрација, Минчев му порача да не се однесува како Алиса во земјата на чудата, ветувајќи нешто што е нереално и невозможно без кршење на законските процедури и принципите на доброто управување.
Во објавата на Фејсбук во која реагира на изјавата на министерот за јавна администрација, Меџити порача оти адекватната застапеност на Албанците во институциите е уставна категорија, му се допаѓало тоа на Минчев или не.
„Владата на Република Северна Македонија ќе го трансформира работниот однос од договор на дело во трајно вработување на околу 1 500 здравствени работници, од кои 750 се Албанци. Ова е она на што сме горди. Правичната застапеност на Албанците во државните институции е уставна категорија, непроменлива и неповратна, која се почитува и ќе се почитува, му се допаѓало тоа на Минчев или не!“, напиша Меџити на Фејсбук.