
„Златната топка“ е најважното индивидуално признание кое еден фудбалер може да го добие во текот на неговата кариера. Изборот за оваа награда минатата година падна на Родри од Манчестер Сити, што наиде на многу реакции и коментари.
Добар дел од фудбалските фанатици сметаа дека Шпанецот не го заслужил тоа, и дека оваа чест требало да му припадне на Винисиус Жуниор.
Во секој случај, одлуката е конечна и не може да се менува, а Родри засекогаш ќе остане во историјата на фудбалот.
Сега на оваа тема проговори соиграчот на Винисиус Жуниор од Реал Мадрид, францускиот интернационалец Килијан Мбапе.
„Што значи да се биде играч кој ја освојува Златната топка? Дали Родри изгледа како играч за Златната топка?”, жестоко започна Французинот и продолжи:
„Мислев дека ќе му припадне на Винисиус Жуниор, но му припадна на Родри. Да ви кажев пред три месеци дека ќе ја освои, ќе речевте дека сум луд“, додаде Мбапе.
Навистина неколегијални, дури може да се каже и грди зборови упати Мбапе кон Родри, па ќе видиме дали ќе има реакција од другата страна.
Шпанскиот интернационалец изминатата година играше навистина одличен фудбал, со „црвената фурија“ го освои Европското првенство, а овие зборови секако не ги заслужи.
Разговорот за „Златната топка“ за 2025 година веќе започна, а според анкетите спроведени во Франција, на изненадување на многумина – Осман Дембеле засега е првиот кандидат за победа.