Нема мир во шпанскиот фудбал и, според сите пресметки, нема да го има ни во блиска иднина. Послабо платените клубови, поточно долниот дом, се жалат на заштитата што ја имаат големите кај судиите. Идентично мислење за статусот на Реал во Ла Лига имаат и челниците на Атлетико Мадрид и на Барселона. Ситуацијата не е блескава и нема да биде, особено по одлуката на Федерацијата да му додели само еден натпревар суспензија на Килијан Мбапе по бруталниот старт против Антонио Бланко.

За оние што не го видоа тоа, францускиот фудбалер со отворен ѓон ја шутна ногата на дефанзивецот на Алавес, Бланко, кој, за среќа, не заработи сериозна повреда. Жаргонски, старт за затвор. Судијата не му покажа црвен картон на Мбапе, туку на тоа влијаеше интервенцијата од ВАР-просторијата. Веднаш по натпреварот, почна наддавањето колку ќе отсуствува Мбапе од теренот, односно дали ќе има право да игра во финалето на Купот на кралот против Барселона, на 26 април. Имаше информации дека ќе се соочи со суспензија од пет натпревари, што би значело дека ќе ја пропушти борбата за трофејот, но Ла Лига беше многу попустлива и му забрани да се појави само на првиот следен натпревар.

ИЗДВОЕНИ