Маж го преживеа ураганот на Флорида плутајќи 50 километри на фрижидер/ВИДЕО

414
EPA-EFE/CRISTOBAL HERRERA-ULASHKEVICH

Ураганот Милтон, најсилниот во последните сто години, ја погоди Флорида. Иако ослабе од категорија 5 до категорија 2 пред да стигне до брегот на Флорида, ураганот зад себе остави пустош. Во тек е санирање на штетите и потрага по жртви. Во медиумите се шири неверојатна приказна за човек кој си го спасил животот пливајќи на фрижидер во Мексиканскиот залив.

Имено, американската крајбрежна стража спасила маж кој се држел за фрижидер додека плутал на приближно 50 километри од брегот. Спасувачите со хеликоптер се симнаа и допливаа до човекот кој бил на фрижидерот во Мексиканскиот залив. Мажот бил пренесен во општата болница во Тампа, каде му била укажана лекарска помош.

„Тој го преживеа она што е кошмарно сценарио дури и за најискусниот морнар“, изјави поручник Дејна Грејди од американската крајбрежна стража.

„За да се разбере сериозноста на условите на ураганот, важно е да се каже дека проценуваме дека доживеал ветрови од 120 до 145 километри на час. Тој преживеа благодарение на појасот за спасување, локаторот што ја покажуваше неговата позиција за итни случаи и фрижидерот“, изјави таа.

Човекот го поправал својот брод во три часот наутро во средата, но се соочил со силни ветрови на враќање кон пристаништето.

Условите брзо се влошија како што се приближуваше ураганот. Крајбрежната стража му наложила на човекот да облече елек за спасување и да остане покрај радио-светилникот што ја покажува положбата на пловилото, но комуникацијата била изгубена.

Инаку, 14 лица загинаа, а повеќе од 500 луѓе се спасени во разорниот ураган Милтон што ја погоди областа на Флорида.

Сепак, потрагата по жртви се уште е во тек, а штетите се исклучително големи бидејќи ураганот зад себе остави пустош.