Макс Верстапен е на чекор до одбрана на титулата во Формула 1, откако викендов ја зголеми предноста пред Ландо Норис од Мекларен во генералниот пласман.
Тоа би било негова четврта последователна титула во Формула 1, а за таа цел ќе мора да ја одбрани предноста од 63 поени на последните три трки во сезоната.
Ландо Норис му се доближи на 45 поени пред Големата награда на Бразил. Се чинеше дека тој сериозно ќе ја намали разликата, бидејќи стартуваше од првото место, а неговиот ривал, Верстапен, од 17. позиција. Но, Верстапен извозе една од најдобрите трки во кариерата – и дојде до победата.
Верстапен возеше практично без грешка, на перфектен начин им одговори на критичарите, но и на сите оние во ФИА со кои е во не така „скриен конфликт“, а особено им фрли пик на новинарите. Не сите, само на оние од Велика Британија.
Така, кога пристигна на прес-конференцијата, со задоволство одговараше на сите новинарски прашања, беше толку расположен да зборува откако на сите им беше јасно дека повторно ќе ја освои титулата. Но, ги пецна Британците.
- Имам едно брзо прашање. Ви благодарам на сите што сте тука, но не гледам ниту еден британски новинар. Дали веќе побегнаа на аеродромот Или не знаеја каде е прес-конференцијата? – рече Верстапен.
max: i have a quick question! i appreciate you all being here but i dont see any british press. do they have to run to the airport? or they didn’t know where the press conference is?
ONFG pic.twitter.com/dkpVLbExys
— nini (@SCUDERIAFEMBOY) November 3, 2024
Сите почнаа да се смеат. Новинарите што беа на страната на Верстапен се израдуваа што ги „провика“ нивните надмени колеги од Островот, а се насмеаја и Естебан Окон и Пјер Гасли од Алпин, кои сосема неочекувано се искачија на подиумот.
Инаку, еден од „најлудите“ викенди на Формула 1 беше возен во неделата, бидејќи речиси цело време врнеше дожд, се создаде хаос кај организаторите, кои мораа да ги префрлат квалификациите во недела. Условите на трката беа такви што речиси секој погреши, освен Верстапен. Видовме дури и црно знаме за Нико Хилкенберг. Сепак, хероите се познаваат на мака, а Верстапен покажа таму дека е најдобар на светот.
Разликата меѓу Верстапен и Норис сега е 63 поени, а следната Формула 1 трка е во Лас Вегас, на 24 ноември, но тешко дека ќе промени нешто во редоследот на возачите. По неа остануваат само Катар и Абу Даби.