Матурата ќе се полага во парк, под отворено небо?!   

65

„Речиси сите училишта во земјава се подготвени за новиот начин на полагање на државната матура. Единствен исклучок е едно училиште во Скопје, на кое во моментов се работи, изјави државниот секретар во Министерството за образование и наука, Билјана Казанџиска.

Според начинот и местото на полагање, годинава има промени, бидејќи учениците ќе полагаат во големи простории како училишните сали и холови, а не во училници како минатите години. Како што веќе пишувавме, целта е матурата да се одвива поефективно за разлика од минатите години. Оваа новина треба да овозможи подобра контрола на случувањата во текот на испитот и ќе оневозможи препишувања или масовно споделување на одговори, како што се случи минатата година во група на апликацијата Вибер на испитот по англиски јазик.

„Државниот испитен центар, заедно со државниот матурски одбор, веќе одржаа неколку состаноци на кои се разговараше како да се полага државната матура и уредување на просторот каде што ќе полагаат учениците. Досега немавме проблеми, сите училишта имаат сали во кои учениците ќе полагаат матура. Имаме проблем само во Скопје, но наскоро тој проблем ќе се реши и тие ученици ќе полагаат на отворен простор. Искуствата од минатата година покажаа дека контролата на учениците во затворени простории во однос на користењето и пријавувањето на мобилниот телефон не била многу ефикасна“, вели Казанџиска.

Државната матура се состои од задолжителен дел, изборен дел и претходна задача. Служи за избор на кандидати за упис во високото образование.

Двата екстерни испита од државната матура, во јунската сесија, оваа година ќе се полагаат на 1 јуни – задолжителниот испит (македонски јазик, албански јазик и турски јазик) и литература и на 8 јуни – изборниот испит (математика,  англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија и естетика).

На веб-страницата за државната матура веќе се објавени збирки задачи и прашања за сите наставни предмети кои се полагаат на екстерните испити.

За полагање на годинашната државна матура се пријавени 14.838 кандидати за испитот по македонски јазик и литература, 10.093 за албански јазик и литература, 4.189 кандидати за турски јазик и литература. За вториот (изборен) екстерен испит пријавени се: 315 кандидати за математика, 13.199 за англиски јазик, 37 за француски јазик, 104 за германски јазик, двајца кандидати за руски јазик, еден за филозофија и 84 за естетика.

Од ДИЦ информираат дека сè уште се во комуникација со средните училишта за утврдување на конечниот број на матуранти што ќе полагаат и можни се сосема мали, занемарливи промени до крајот на процесот на потврдување на конечните податоци од страна на училиштата.

Матурантите кои во јунската сесија нема да ја положат државната матура или не во целост ќе може да се пријават за августовската сесија кога двата екстерни испита ќе се полагаат на 12 и 14 август 2024.