Уште една хорор повреда беше видена во Евролигата, откако кошаркарот на Панатинаикос, Матијас Лесор, со кого ја освои титлата минатата година во ова натпреварување, се здоби со скршеница на ногата поради која ќе отсуствува од терените во наредните четири месеци.
Францускиот центар незгодно приземји и веднаш се виде дека станува збор за фрактура на ногата, откако стапалото му отиде во друга насока. Лесор почна да завива од болки, а сите во „ОАКА“ арената се фатија за глава.
EYVAH EYVAH MATHIAS LESSORT ÇOK KÖTÜ SAKATLANDI ☹️ pic.twitter.com/xjNW1ky5Q1
— Euroleague Time (@euroleague_time) December 19, 2024
Само неколку минути потоа натпреварот беше прекинат. Не поради повредата на Лесор, туку затоа што на неколкумина им се слоши на трибините поради ужасната сцена на теренот… По десет минути пауза, играта продолжи, ПАО ја победи Басконија (104:69) но реакциите на играчите покажаа дека никому не му е грижа ниту за кошарката, ниту за продолжението на играта.
Играчите на двата тима по натпреварот покажаа дека има некои работи кои се поважни од кошарката. Имено, Маркус Хауард, кошаркарот на Басконија дојде кај играчите на Панатинаикос, застана во круг со нив и се молеше за здравјето на Лесор.
- Се молиме за Матијас Лесор, помогнете му на неговото семејство и нему, те сакаме, се молиме за тебе, порача Хауард.
Неколку часа подоцна, се јави и самиот Лесор преку својот твитер-профил.
- Она што не ве убива, ве прави посилни! Ви благодарам на сите за пораките и молитвите, ве сакам сите! Се враќам посилен од кога било, изјави францускиот репрезентативец, кому мора да му се направи оперативен зафат.
Ова значи дека Лесор ќе може да му се стави на располагање на тренерот Ергин Атаман дури во плејофот во Евролига, кој започнува на 22 април, секако, ако сè оди според планираното закрепнување и доколку тимот избори пласман во споменатата фаза.