Тенискиот Мастерс во Париз од следната година ќе се одржува во нова сала во предградието на Париз, Нантер, поради поголемиот број терени и подобрите услови за гледачите.
Два дена по завршувањето на Мастерсот во Париз, Француската тениска федерација соопшти дека турнирот кој од 1986 година се одржува во Берси, од следната година ќе се одржува во Париската Ла Дефанс Арена во Нантер. Следната сезона турнирот ќе се одржи од 25 октомври до 2 ноември.
Во Берси на располагање беа три терени, од кои Централниот терен можеше да прими 15.000 гледачи. Во Нантер тенисерите ќе играат на четири терени, чиј главен терен ќе собира 16.500 луѓе, а играчите ќе имаат на располагање и тренинг терен.
Ќе се прошират, подобруваат и модернизираат и областите за играчи, а според објавените фотографии ќе има повеќе простор помеѓу основната линија и трибините.
Организаторите ветија и подобри услови за навивачите, односно ќе можат да чекаат во сала опремена со големи екрани пред да влезат на трибините.
Годинава во Берси е постигната рекордна посетеност од 176.451 фанови.
„Нашата амбиција е да го овековечиме идентитетот на нашиот настан, со акцент на новина и модернизација. Овој потег треба да овозможи турнирот да влезе во нова димензија“, рече директорот на турнирот Седрик Пиолин.