Освен традиционалните маски „Љубанска свадба“, „Комити“ и маскираните во кожи, се очекува да има и маски со кои ќе бидат отсликани политичката ситуација и музичкиот живот во државата. – Учесниците, преку своето видување, со своите маски ќе го прикажат секојдневниот живот. Инаку, маските се креација на учесниците – нагласи претседателот на Здружението за заштита на културното наследство „Љубански карневал – Прочка“, Бојан Раевски, кое, всушност, е организатор на овој традиционален настан
В недела, на верскиот празник Прочка, во Љубанци ќе одекне музиката, а инспиративните маски ќе бидат дел од дефилето, кое ќе биде главен настан.
Традиционалниот Љубански карневал ќе започне во 10:00 часот, а дефилето со маскираните учесници ќе се движи од едниот до другиот крај на селото. Во местото наречено Пештер ќе се одржи импровизираната традиционална Љубанска свадба. Оттаму, дефилето ќе продолжи во дворот на ОУ „Гоце Делчев“, каде што ќе се претстават сите учесници. Притоа, ќе бидат избрани најдобрите маски.
– Оваа година, освен учесници од селото, ќе има и учесници од сите основни училишта на територијата на Општина Бутел, како и од градинката „11 Октомври“, исто така од Општина Бутел. Се очекува бројот на учесници да надмине 100 – информираше претседателот на Здружението за заштита на културното наследство „Љубански карневал – Прочка“, Бојан Раевски, кое, всушност, е организатор на овој традиционален настан.
Тој нагласи дека, освен традиционалните маски „Љубанска свадба“, „Комити“ и маскираните во кожи, се очекува да има и маски со кои ќе бидат отсликани политичката ситуација и музичкиот живот во државата.
– Учесниците, преку своето видување, со своите маски, ќе го прикажат секојдневниот живот. Инаку, маските се креација на учесниците – нагласи Раевски.
Освен дефилето, настанот ќе биде збогатен и со настапите на бенд во живо и на Наум Петрески, како специјален гостин.
Главен покровител на Љубанскиот карневал, како и секоја година, е Општина Бутел.
– Годинава, помошта од Општина Бутел е најголема. Издвоени се 150.000 денари, за разлика од претходните години, кога добивавме по околу 60.000 денари – нагласи Раевски, додавајќи дека стремежот на Здружението е, од година на година, да се зголемуваат квалитетот на програмата и реализацијата на овој настан.
Од Здружението велат дека Љубанскиот карневал – Прочка е прoeкт што e насочен кон зачувување и промоција на традиционалните вредности што се организирале со векови наназад во селото Љубанци, на верскиот празник Прочка и како дел од културно-историското минато на селото, а и на нашите држава и народ.
-Оваа традицијата е стара со векови и е достоинствена за почит, како историска реткост во овие краишта. Почетоците на овој карневал се од паганскиот период, а главна цел била протерувањето на лошите духови од овие простори. Овој карневал денес има поинаква содржина, но, секако, ја задржува автентичноста од паганскиот период. Па така, на него можеме да го видиме целокупното историско минато на нашиот народ, а, исто така, и денешницата што ја живееме – потенцираат од Здружението.
(А.П.)