Американскиот милијардер Илон Маск за германскиот неделник „Велт“ изјави дека не е заинтересиран да ја купи социјалната мрежа „ТикТок“.
Маск го даде интервјуто откако американскиот претседател Доналд Трамп го одложи спроведувањето на законот со кој се наложи на матичната компанија ByteDance да ја продаде социјалната мрежа, со можност „ТикТок“ инаку да биде забранет во САД, пренесува порталот Tech Crunch со седиште во Сан Франциско.
Се појавија извештаи дека кинеската влада е отворена за договор во кој Маск, клучниот сојузник на Трамп, би ја купил „ТикТок“, пишува американскиот портал.
„Немам никакви планови што би правел кога би бил сопственик. Претпоставувам дека би го погледнал алгоритамот и би се обидел да одлучам колку е корисен овој алгоритам и што може да се направи за да се промени алгоритмот за да биде попродуктивен и на крајот корисен за човештвото“, изјави Маск во интервју за „Велт“.
Говорејќи пред новинарите, Трамп рече дека би сакал Маск или извршниот директор на „Оракл“ (Oracle), Лери Елисон, да го купат „ТикТок“, а набргу потоа потпиша извршна наредба за создавање инвестициски фонд кој би можел да купи удел во „ТикТок“.