Маск објави, па ја избриша „шегата“ за атентат на Камала Харис

51
EPA-EFE/LUDOVIC MARIN

Американскиот претприемач Илон Маск, по повод новиот обид за убиство на американскиот републикански кандидат Доналд Трамп, на социјалната мрежа Х објави дека „никој не се ни обидува да ја убие“ потпретседателката на САД и кандидатка на демократите во претстојниот избори, Камала Харис.

Маск потоа ја избриша објавата на платформата и објасни дека се работи за „шега“.

– Па, една лекција што ја научив е дека само затоа што и кажувам нешто на групата и тие се смеат не значи дека ќе биде смешно како објава на “Икс“. Излегува дека шегите се помалку смешни ако луѓето не го знаат контекстот и ако објавата е обичен текст“, рече тој.

Неговата објава на „Икс“, дојде само неколку часа по обидот за атентат врз Доналд Трамп на теренот за голф во Флорида. Трамп вети дека ќе го постави Маск на чело на „комисијата за владина ефикасност“ доколку добие втор мандат.

Голем број корисници на „Икс“ ја критикуваа изјавата на Маск, а некои тврдеа дека објавата претставува поттик против американскиот претседател и потпретседател.

Во соопштението, Белата куќа го осуди објавувањето и го нарече „неодговорна реторика“.

Насилството не треба да се поддржува, охрабрува или да се шегува со тоа“, се вели во соопштението. „Не смее да има место за политичко и какво било друго насилство во нашата земја“, нагласи Белата куќа.

Американската тајна служба изјави за Би-би-си дека знаела за објавата. Тие рекоа дека не коментираат за вакви случаи, а Тајната служба ги истражува сите закани поврзани со заштитени лица.