
Американскиот милијардер Илон Маск денеска ги демантираше информациите за можното исклучување на пристапот на Украина до сателитскиот систем „Старлинк“, чиј сопственик е Маск.
Одговарајќи на написот на „Ројтерс“, Маск рече дека тоа „не е вистина“ и ја обвини новинската агенција дека „лаже“.
„Ова не е вистина. Ројтерс лаже. „Тие се на второ место по AP (Associated Propaganda) како традиционален лажго на вести“, напиша Маск на платформата X Тој сподели текст од украинскиот весник „Киев индепендент“ („Kyiv Independent“), во кој е објавена веста на „Ројтерс“ дека продолжувањето на работата на „Старлинк“ во Украина е поврзано со договорот за минералните ресурси.
Соединетите држави се заканија дека ќе го прекинат пристапот на Украина до „Старлинк“ доколку Киев не се согласи на договор за експлоатација на украинските минерални ресурси, објави во петокот Ројтерс, повикувајќи се на неименувани извори.
Преговорите за договорот се во тек откако украинскиот претседател Володимир Зеленски го отфрли првичниот предлог, иако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека договорот е блиску.
Компанијата „СпејсИкс“ (SpaceX)на Маск и дозволи на Украина да ги користи терминалите „Старлинк“ набргу по целосната инвазија, давајќи му на Киев клучна комуникациска предност на бојното поле.