Американскиот милијардер Илон Маск денеска се запраша дали САД треба да ја „ослободат“ Велика Британија од нејзината сегашна влада.
Тоа е последниот во серијата објави на Маск на Платформата Х во која тој ја критикуваше лабуристичката влада на премиерот Кир Страмер, објави Мирор.
Маск денеска ги праша корисниците на платформата „Х“ дали „Америка треба да го ослободи народот на Британија од нивната тиранска влада“.
Анкетата имаше повеќе од 10 милиони прегледи, а корисниците со огромно мнозинство, речиси 700.000 од нив, ја поддржаа идејата дека Америка треба да ја ослободи Британија од нејзината влада.
Маск денеска на платформата „Икс“ објави и дека Стармер бил соучесник во групните силувања во Британија затоа што не ги гонил групните силувачи додека бил претседател на јавното обвинителство во „размена за гласови“, како што би покажало истражувањето.
Маск објави серија пораки на платформата X во кои го обвини Стармер дека не ги гони бандите кои силувале млади девојки, а повика и на апсење на британската заменичка министер за борба против насилството врз жените, Џес Филипс, пренесува Танјуг.
Тој рече дека Филипс треба да биде затворена откако таа го одби барањето британското Министерство за внатрешни работи да нареди национална истрага за сексуалната експлоатација на деца во Олдам, Англија.
Таа рече дека треба да има локална истрага.
Групната сексуална злоупотреба на деца во Обединетото Кралство изнесува 3,7 отсто од сите сексуални престапи на деца пријавени во полиција во 2023 година, според полициските податоци.
Маск во неделата на Платформа Х рече дека Најџел Фараж треба да се повлече од лидерската позиција на десничарската Реформска партија на Велика Британија.
Фараж во неделата се огради од поддршката на Маск за екстремно десничарскиот британски антимуслимански активист Томи Робинсон, кој отслужува 18-месечна затворска казна поради непочитување на судот, објави Ројтерс.
Медиумите шпекулираа дека Маск, близок соработник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, би можел да одвои голема парична донација за Британската реформска партија која би можела да и помогне да ги „предизвика“ Британската Лабуристичка партија и Конзервативната партија.
Најбогатиот човек на светот, исто така, неодамна сподели објава во која се прашува дали британскиот крал Чарлс Трети треба „да го распушти парламентот и да нареди општи избори… заради безбедноста на Британија“, на што тој одговори потврдно во друга објава.
Маск минатиот месец ја поддржа германската екстремно десничарска Алтернатива за Германија (AfD) пред парламентарните избори во земјата закажани за 23 февруари.