МАСАКР ВО ГАЗА: Во израелски напади загинаа 25 лица, трите болници немоќни да згрижат толкава бројка на ранети

11

Најмалку 25 Палестинци загинаа денеска во израелски напади во Појасот Газа, јавува Ројтерс.

Најмалку 15 лица загинаа во ноќните напади на израелските сили во градот Беит Лахија во северниот дел на Појасот Газа во куќа, соопштија палестинските лекари.

Десет други Палестинци беа убиени во серија израелски напади низ енклавата, објави Ројтерс, повикувајќи се на палестински медицински лица.

Палестинската државна служба за вонредни ситуации соопшти дека три болници во областа, кои едвај работат, не биле во можност да се погрижат за големиот број ранети по нападот, додека спасувачите не можеле да стигнат до многумина кои се водат за исчезнати.

Жителите рекоа дека голем број куќи биле бомбардирани, а некои биле запалени за време на нападот во Џабалија, Беит Лахија и Беит Ханун, три града на северниот раб на Појасот Газа.

Жителите на овие градови рекоа дека израелските беспилотни летала, исто така, фрлале бомби пред училиште во кое се сместени раселените семејства во Беит Лахиа, во она што тие го опишаа како кампања на заплашување.

Палестинците тврдат дека израелската армија се обидува да ги принуди да излезат од северниот раб на Газа преку принудна евакуација и бомбардирање за да се создаде тампон зона, што израелската армија го негира и вели дека има за цел да ги спречи борците на Хамас да се прегрупираат во тие области.