Пензионерите ќе добијат нов, втор раст на пензиите за 2.500 денари. Линеарното покачување се однесува на мартовската пензија што пензионерите ќе ја добијат на почеток на април. Овој месец во Собрание е доставен Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кој треба да се донесе во скратена постапка. Дали покачување на пензиите од 2.500 денари што ќе стартува со мартовската пензија, којашто ќе се исплати на почеток на април се однесува само за пензионерите што живеат во Македонија, но не и за оние кои живеат надвор од земјава и примаат македонска пензија, не добивме одговор од Министерството за социјална политика кое е изготвувач на законските измени
Пензионерите ќе добијат нов, втор раст на пензиите за 2.500 денари. Линеарното покачување се однесува на мартовската пензија што пензионерите ќе ја добијат на почеток на април. Овој месец во Собрание е доставен Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кој треба да се донесе во скратена постапка и со него се врши усогласување на пензијата на корисници на пензија на кои им се исплаќа во Република Македонија.
– Во член 18 став (3) од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување се става вон сила системската одредба на член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување во периодот од 1 септември 2024 година до 31 август 2025 година. Во овој период, пензиите се зголемуваат во фиксен износ од 2.500 денари на 1 септември 2024 година и 1 март 2025 година. Со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, се уредува усогласувањето и зголемувањето на пензијата – се наведува во образложението на предлог-законот.
Дали тоа значи дека за разлика од 1 септември 2024 година кога сите пензионери (и оние во Македонија и оние кои живеат надвор од Македонија и примаат македонска пензија) добија линеарно зголемување на пензијата од 2.500 денари, сега со предложените законски измени зголемување од 2.500 денари ќе добијат само пензионерите кои живеат во Македонија, а другите што се надвор не. До затворање на весникот дд Министерството за социјална политика, демографија и млади не добивме одговор.
Во истиот член 37 се наведува дека останува претходно донесеното решение за усогласување на пензијата на 1 март и на 1 септември, и тоа врз основа на формулата 50/50, односно според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50 проценти и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Македонија, исто така во висина од 50 отсто.
Во случај кога порастот на трошоците на живот се со негативен предзнак, не се врши усогласување на пензијата.
– Пензијата остварена во тековната година, претходно се сведува во месечен износ според порастот на нето-платите од декември претходната година, во однос на просечната нето-плата истата година. Доколку БДП во претходната година има реален пораст повеќе од 4%, покрај ова усогласување, пензијата се усогласува од 1 април тековната година во процент кој претставува разлика помеѓу реалната стапка на пораст на бруто-домашниот пораст во претходната година и стапката од 4% – се посочува во предлог-законот.
Тоа значи дека покачувањето на пензиите од 2.500 денари што ќе стартува со мартовската пензија што ќе се исплати на почеток на април е вонреден раст, кој отстапува од ова правило.
Исто така, со законските измени во член 160 се доуредуваат условите за именување на директорот и на заменик директорот на Фондот за здравствено и пензиско осигурување. Се предвидува директорите да поседуваат уверение или потврда со кои се докажува познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија.
– За директор, односно заменик-директор на Фондот се именува физичко лице, државјанин на Македонија, со високо образование и пет години работно искуство од областа на правото, финансиите, економијата и пензиското осигурување. Треба да понуди најквалитетна програма за работа на Фондот, и да поседува еден од меѓународно признатите сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години – се предвидува со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
Исплатата на пензиите за февруари ќе почне на 3 март
Пензиите во согласност со законот се исплаќаат првиот работен ден наредниот месец, па така февруарската пензија, согласно со законот, би била достапна на 3 март (понеделник). Сепак некои македонски банки пензиите ги исплаќаат предвреме.
Според последните достапни податоци на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, заклучно со декември 2024 година, вкупниот број на корисници на пензија изнесувал 345.794, од кои 245.929 се корисници на старосна пензија, 74.294 на семејна пензија и на инвалидска се 25.571.
Просечно исплатената пензија за декември 2024 изнесува 23.785 денари. Притоа, воената пензија во просек изнесува 32.581 денар, старосната 25.411 денари, инвалидската 21.320, семејната 19.200, а најниска е земјоделската 13.426 денари. Над 34 проценти од пензионерите земаат пензија од 15.693 денари и до 19.409 денари. Интересен е и податокот дека 3.186 пензионери земаат пензија над 60.000 денари.
(С.Бл.)