Кочанската катастрофа го отвора прашањето за безбедното домување и посетата на јавните места каде што се собираат многу лица, како кафулиња, ресторани, дискотеки, ноќни клубови и дали во овие објекти се применуваат прописите за заштита од пожар.

Во нашата земја има стандарди за градење и прописи за заштита од пожар во објектите, но, според првичните согледувања по стравотниот пожар во дискотеката во Кочани, не биле применети. Професорот на Градежниот факултет, Горан Марковски, во изминатиов период предупредуваше дека мора да има строга примена на правилата и прописите за заштита од пожар во објектите, но дека овие стандарди не се почитуваат целосно. – Велат умните учат од туѓи грешки, а некои, за жал, ни од своите. Алармот за тревога одамна е вклучен, но очигледно без никаков ефект, вели Марковски за весникот ВЕЧЕР.

Целосна ревизија на сите издадени лиценци на дискотеките и ноќните клубови најавија од власта, но граѓаните се револтирани и прашуваат зошто откога ќе се случи трагедија, ќе почнат инспекции. – Каде се тие инспектори претходно да влезат во кафулиња, ресторани, дискотеки, ноќни клубови… и да ги затворат оние што не ги исполнуваат технички услови за работење. Секоја дупка стана дискотека, кафуле…така е со години. Пушташ дете да се забавува и се молиш живо да се врати дома. Овој пат многумина не се вратија – деца, млади…, реагираат граѓани

Катастрофата од Кочани го отвора прашањето за безбедното домување и посетата на јавните места каде што се собираат многу лица, како кафулиња, ресторани, дискотеки, ноќни клубови и дали во овие објекти се применуваат прописите за заштита од пожар.

Најпрво да тргнеме од станбените згради бидејќи во нив живее многу население. Прво и основно, на видливо место, во ходник треба да има поставено план за евакуација на станарите во случај на пожар. На секој кат треба да има поставено хидранти со платнени црева поставени во посебни сандачиња, како и аларм за сигнализација во случај на пожар. Станари од зграда во населбата Аеродром велат дека овие три работи ги нема во нивниот влез. Посочуваат дека хидрантите се нефункционални и откако зградата е вселена во далечната 1988 година, никој не дошол да ги провери дали работат, а и куќните совети во изминативе децении никогаш тоа прашање не го ставале на дневен ред. Велат дека некои несовесни нивни соседи ги заградиле противпожарните премини на сметка да си обезбедат повеќе станбен простор.

– Ниту еден аларм во зградата не функционира, нема сигнализација. Има хидранти поставено во секој влез ама не знаеме дали во секој хидрант има црева што ќе послужат ако има пожар. Во некои не ги ни има, најверојатно се украдени. Живеам на петтиот, последен кат на зграда со три влеза. Досега не сум размислувал како би се евакуирал ако избувне пожар. Ќе го поставам ова прашање на куќниот совет, мора секој од нас станарите да знае како да се евакуира – вели еден станар во Аеродром.

Станари кои живеат во нови згради посочуваат дека забележале дека хидранти и аларми за пожар имало само кога се вршел технички прием на зградата, а потоа за краток период ги снемало.

Од Противпожарниот сојуз на Град Скопје во изминатите 16-17 години откако се реализира проект со поддршка на десетина општински противпожарни сојузи, биле посетени над три илјади влезови во станбени згради во Скопје при што констатирале низа неправилности.

– Во текот на една година секој од овие десет сојузи има обврска да посети 30 станбени влезови. Посебни екипи контактираат со куќните совети да добијат дозвола за контролирање на влезот, пристапот за противпожарно возило, дали има надворешна хидрантска мрежа, како и внатрешни хидранти со потребната опрема. Се контролираат и скалите дали се слободни, но и коридорите за евакуација дали се проодни на најгорниот кат. Констатиравме дека кај 95 проценти од станбените влезови има некоја неправилност која може скапо да ги чини станарите при, ако не дај Боже има пожар. На куќните совети им укажуваме да ги отстранат недостатоците, им делиме и флаери со едукативни пораки, но гледам дека не се заинтересирани. Ќе се свестат ако нешто се случи – вели Петар Плотников, претседател на Противпожарниот сојуз на Град Скопје за весникот ВЕЧЕР.

Освен станбени објекти, од Противпожарниот сојуз посетуваат и помали дуќани и проверуваат дали ги почитуваат противпожарните прописи, но понекогаш влегуваат и во дискотеки.

– Да, понекогаш влегуваме и во дискотеки, но не избегнуваат и не можеме да направиме контрола. Што се однесува конкретно за дискотеката во Кочани, таа е обврска на Дирекцијата за заштита од пожари и на локалниот инспекторат на општина Кочани  – вели Плотников. 

Во Кочани, во објектот формално претставен како клуб, но во суштина магацин без никакви прописи, за да биде лиценциран како клуб, починаа шеесетина млади лица, а оние кои сè уште се борат за живот се по болници во земјава и странство, ќе останат со трајни последици до крајот на животот.

Во нашата земја има стандарди за градење и прописи за заштита од пожар во објектите, но, според првичните согледувања по стравотниот пожар во дискотеката во Кочани, не биле применети. Во дискотеката немало хидрантска мрежа, а во цел објект имало само два противпожарни апарати. Дискотеката немала две врати за евакуација во случај на пожар, туку само една импровизирана метална врата во задниот дел, но и таа била заклучена однадвор со катанец и без кваки од внатрешна страна и обложена со гипс картон и сунѓер за звучна изолација.

Исто така, внатрешноста на објектот била обложена со гипс картон, но и тој бил без огноотпорни својства и имало визуелни ефекти со лесно согорливи материјали.

– Просто е неверојатно ваков лесно запаллив простор со ниту една соодветна заштитна мерка да добил и да има решение за употреба – вели деканот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски.

Професор Горан Марковски, декан на Градежен факултет-Скопје

Професорот Марковски во изминатиов период предупредуваше дека мора да има строга примена на правилата и прописите за заштита од пожар во објектите, но дека овие стандарди не се почитуваат целосно.

– Велат умните учат од туѓи грешки, а некои, за жал, ни од своите. Алармот за тревога одамна е вклучен, но очигледно без никаков ефект. Попусто предупредувањата од страна на експертската јавност за непочитување на стандардите за заштита од пожар. Во Кочани загинаа млади невини души како последица на алчност за пари, деструктивна корупција и на одамна изумрените свест и совест на повозрасните – револтиран е професорот Марковски.

Тој повикува на строго и бескомпромисно почитување на стандардите и секако редовни контроли и драконски казни за оние кои излегуваат надвор од пропишаните правила. Целосна ревизија на сите издадени лиценци најавија и од власта, но граѓаните се револтирани и прашуваат зошто откога ќе се случи трагедија, ќе почнат инспекции.

– Каде се тие инспектори претходно да влезат во кафулиња, ресторани, дискотеки, ноќни клубови… и да ги затворат оние што не ги исполнуваат технички услови за работење. Секоја дупка стана дискотека, кафуле… така е со години. Пушташ дете да се забавува и се молиш живо да се врати дома. Овој пат многумина не се вратија – деца, млади… – реагира Јадранка П.

Задолжителен елаборат за заштита од пожари при пренамена на објект

Во Правилникот за мерките за заштита од пожаризаштита при пожари, експлозии и опасни материи, при изградба на објекти, како и за објекти на кои се врши реконструкција или пренамена, а согласно со овој Правилник, инвеститорот мора да поседува елаборат за заштита од пожари, експлозии и опасни материи. Елаборатот се поднесува до Дирекцијата за заштита и спасување, која го разгледува и дава согласност за застапеност на мерките за заштита од пожари, експлозии и опасни материи или дава забелешки на записникот доколку не се исполнети условите за согласност пропишани со мерките во Правилникот.

Со овој правилник е предвидено објектите и просториите од објектите кои примаат од 500 до 1.000 лица треба да имаат најмалку три излези (во моментот на пожарот во кочанската дискотека имало само еден излез) кои водат директно на слободен простор, во ходник кој води на слободен или на скалишен простор, со вкупна широчина од најмалку 4,2 м, односно секој излез со широчина од најмалку 1,4 метри.

Согласно со член 27 од истиот правилник, за дискотеките, покрај мерките што важат за заштита од пожари за објекти, се применуваат и следните мерки:

-дискотеките со капацитет поголем од 300 посетители не се проектираат и изведуваат во подземни катови (во случајот со кочанската дискотека таа имала само подземен кат) или на катови на височина поголема од осум метри од котата на околниот терен;

-дискотеките со капацитет поголем од 150 посетители се издвојуваат како посебен пожарен сектор во однос на останатиот простор кој не припаѓа на оваа намена и

– капацитетот на дискотеката се ограничува на едно лице на 1 м², на слободната површина од просторот за играње и просторот за седење. Од видеата што се достапни на социјалните мрежи се гледа дека дискотеката е преполна, а многу од жртвите загинале од стампедото што настанало за излез од објектот.

Кај нас инспекцијата наместо на лице место, прави надзор во кафеана!

Архитектот Андреа Јанков го осудува толерирањето на работата на кочанската дискотека.

– Вакви работи се случуваат кога на несоодветни места, со несоодветна вентилација, начин на евакуација, се прават дискотеки и ноќни барови, само затоа што газдата е другарче со некој локален партиски моќник. Кога во општина им се одобрува да работат, кога им поминува несоодветен проект за адаптација и пренамена, фалц ППЗ елаборат, кога инспекцијата наместо на лице место прави надзор во кафеана на ручек. Кога пиротехнички средства се купуваат на Битпазар, наместо да се строго контролирани и манипулирани од страна на лиценцирани експерти, кои ќе можат да проценат дали, каде, колку и што треба да се употреби. Кога концерти се договараат и одржуваат без сериозна претходна припрема. Дојдени сме во ситуација да пратиш дете во град, да не знаеш дали ќе ти се врати! Да ти е страв како родител да го пуштиш од дома, затоа што не знаеш дали ќе настрада од пијано говедо, ќе ти биде киднапирано и убиено или ќе изгори живо – вели Јанков на фејсбук-статус.

Пиротехника не смее да се употребува без надзор

Според првичните информации од истрагата, противзаконски биле користени пиротехнички материјали, кои најверојатно и го предизвикале пожарот.

– Лицата користеле пиротехнички средства спротивно на законот, и предизвикале опасност за животот и телото на луѓето од големи размери – посочи обвинителот Љупчо Коцевски.

Законот предвидува Министерството за внатрешни работи да врши надзор над употребата на пиротехнички средства. Тие издаваат одобренија и обезбедуваат усогласеност преку инспекции. Доколку се утврдат прекршувања – како што се немање одобрение, необучен персонал или небезбедни услови – Министерството може да нареди корективни активности, да забрани употреба на пиротехнички средства или да забрани понатамошно ракување од неквалификувани поединци.

А петарди и пиротехника се користи буквално насекаде – и на стадиони, во спортски сали, дискотеки, игротеки, ресторани, концертни дворани… Јавноста бара строга контрола на увозниците, забрана за нивна употреба и упатуваат повик за сеопфат на општествена акција зад која треба да застанат Здружението на музичари, Здружението на угостители, сите медиуми, МОК, ФФМ, КФМ, клубови од сите спортови, АДСДП, ЦУК – во координација со Владата и МВР.

 (С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ