Државните електрани потпишаа нов едногодишен договор со битолската „Марковски компани“, вреден над еден милион евра за ангажман на работна рака за машински интервенции во РЕК „Битола“. Според новиот договор, „Марковски компании“ ќе наплаќа 582 денари од час за бравари и 614 денари за заварувачи и парите ќе бидат исплаќани само ако има потреба од такви услуги.

– Договорниот орган го задржува правото во текот на реализацијата на овој договор да го зголеми обемот на услугата до висина на вкупната вредност за реализација на договорот, односно го намали обемот на услугата, што зависи од потребите на Договорниот орган – стои во договорот.

„Марковски компани“ во претходните години доби стотици милиони евра преку јавни набавки во енергетскиот сектор. Најсвеж е тендерот од 46 милиони евра што го доби годинава за ископ на јаглен за потребите на РЕК „Битола“. И лани го доби тендерот од 25 милиони евра за ископ на јаловина.

Од државните електрани велат дека договори со „Марковски компани“ биле склучувани и порано, без разлика која партија е на власт.

– Тендерската процедура е спроведена во периодот пред да стапат на функција новите раководства на АД ЕСМ и на РЕК „Битола“, кои работат исклучиво според позитивните законски прописи и нема да дозволат ниту најмал сомнеж за злоупотреби при спроведување на Законот за јавни набавки. Во контекст на јавната набавка за ангажирање на работна сила при потребата од машински интервенции во РЕК „Битола“, испочитувана е комплетната процедура – велат од АД ЕСМ.

Јавниот повик бил објавен во мај годинава, и постапката за евалуација и избор на изведувачите е спроведена од претходното раководство на Комбинатот, вклучувајќи ја и Одлуката за избор потпишана на 22 август годинава од претходниот раководител на подружница РЕК Битола – Пеце Матески.

– Договорот е потпишан на 7 октомври од новиот раководител на подружницата, и тоа дури откако е направено испитување на пазарните цени во однос на оние од Одлуката за избор и констатацијата на стручните служби дека биле понудени односно избрани за најповолни – најниските цени достапни на пазарот во моментот. Имено, на актуелниот јавен повик од 2024 година, постигнати се единечни цени по работна рака кои се за околу 40 отсто пониски во однос на цените постигнати во 2022 и во 2023 година, согласно критериумот најниска цена. За изминатите две години, за истиот повик единствен понудувач била фирмата „Марковски компани“, додека во 2024 година – биле пријавени пет фирми од кои четири учествувале на таканаречената „негативна аукција“ преку која била постигната најниска цена од страна на посочената фирма. АД ЕСМ работи исклучиво според законите, и нема намера да врши политичка селекција на фирми кои учествуваат во сегментот јавни набавки. Секоја фирма и потенцијален оператор што се јавува на распишаните јавни повици е, и ќе биде предмет на детална проверка, согласно Законот за јавни набавки и според утврдените критериуми и правила за учество – потенцираат од АД ЕСМ.

Според анализите на Центарот за граѓански комуникации, „Марковски компани“ лани имала најголем удел во јавните набавки, со вкупно 20 договори со АД ЕСМ, вредни 52 милиони евра. Сите договори се за ангажирање механизација и работна рака во РЕК „Битола“.

(С.Бл.)