Марија Жоао – ѕвезда на ОФФест, фестивалот стартува со Даутовски; Од 5 до 8 јуни во НОБ и во МКЦ

39

Ѕвезда на дваесет и четвртиот ОФФест е грандиозната пејачка Марија Жоао (Maria João) на којшто од 5 до 8 јуни ќе се претстават врвни артисти од осум земји од светот во веројатно најсилната програма во последниве години, соопштија од Скопскиот џез фестивал, организатор на оваа музичка манифестација.

Како што информираат оттаму, по Лисабон, ОФФест е првата европска концертна премиера на новиот проект на Жоао – Аbundância. Покрај Жоао во програмата се присутни уште неколку големи звезди на таканаречената музика на светот, како Canzoniere Grecanico Salentino, Kimmo Pohjonen, Vieux Farka Touré, па и нашиот Драган Даутовски.

-Листата на музичари на ОФФест носи и неверојатно широка и богата лепеза на жанрови и емоции, вистинско богатство на музичката разноликост. Годинашната селекцијата ќе ја збогати и онака раскошната историја на ОФФест. Фестивалот ќе го отворат Драган и Ратко Даутовски, а по нив ќе настапат Canzoniere Grecanico Salentino – најдолговечниот и водечки фолк ансамбл во Италија кој годинава слави 50 години активно музицирање и бројни спектакуларни настапи, додаваат организаторите.

Во втората вечер на ОФФест доаѓа експлозивниот Kimmo Pohjonen, финскиот феномен на хармониката. По него следува цветното музичко патешествие на фасцинантната Марија Жоао, која 40 години шири магична енергија, освојува со својот шарм и плени со чудесниот глас.

-ОФФест повторно има возбудлива африканска вечер. Ако минатото издание се отвори со жестокиот Бомбино (Bombino), фестивалот годинава го крева влогот. Во Скопје доаѓа гитаристот Vieux Farka Touré, „сахарскиот Хендрикс“, синот на колосалниот Али Фарка Туре и една од најголемите африкански ѕвезди денес. Африканска вечер ќе продолжи со Florence Adooni, најистакнатото ново име од Гана, посочуваат од ОФФест.

Последната вечер публиката ќе ужива во прекрасниоит глас на словачката пејачка Јулија Козакова (Júlia Kozáková), а фестивалот ќе го затворат два извонредни гитарски бендови, Mordái од Унгарија и кормиларите на свежата македонска алтернативна сцена – Луфтанза. Следејќи ја убавата традиција, во прудружната програма на ОФФест ќе биде прикажан и култниот бразилски документарниот филм „Saravah“.

Фестивалот ќе се одржи во Националната опера и балет и во МКЦ.

ИЗДВОЕНИ