EPA/Made Nagi

Се знаеше дека Енди Мареј е прикрај со својата кариера, а годинашниот Вимблдон на кој, за жал, не настапи поради повреда, му е последен во кариерата и не се знаеше кога точно ќе дојде крајот.

Британскиот тенисер, трикратен грен-слем шампион, сега и официјално објави дека Олимписките игри во Париз ќе биде последниот тениски турнир во неговиот живот.

  • Дојдов во Париз на мојот последен тениски турнир. Натпреварувањата за Велика Британија беа, без сомнение, најдобрите недели во мојата кариера и јас сум исклучително горд што можам да го направам тоа уште еднаш, за последен пат – напиша Мареј во објава на „Инстаграм“.

Во кариерата, Британецот освои две олимписки злата: во 2012 година, во Лондон, кога го победи Роже Федерер во финалето и во 2016 година ,во Рио де Жанеиро, кога го надигра Хуан Мартин дел Потро.

Тој има и еден сребрен медал, во мешани двојки со Лаура Робсон, исто така освоен во Лондон, во 2012 година.

Покрај трите грен-слем трофеи, освои и 14 мастерси, едно АТП-финале, односно вкупно 46 титули, а беше и прв тенисер на АТП-листата.