EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

Поранешниот светски шампион во Мото ГП, Шпанецот Марк Маркез, направи листа на најдобрите возачи во историјата на „кралската“ класа. Како гостин во една емисија, Марк Маркез, имаше задача да создаде листа на најдобрите возачи досега, а интересно е што на списокот не го имаше неговото име.

  • Никогаш нема да се ставам себеси меѓу најдобрите, рече тој за време на поткастот на „El Cafelito“.

Освојувачот на осум светски шампионски титули смета дека тоа што го направил во кариерата не е доволно за да биде на списокот, додавајќи дека има уште време да дојде до тој избран тим.

Според него, списокот вклучува легенди како Анџело Нието, Мик Духан, Хорхе Лоренцо и Валентино Роси.

Секако, првото место на листата на Маркез го зазеде легендарниот Агостини, чиј рекорд од 15 светски титули е ненадминат. Освои осум титули во Мото ГП класата, од кои седум во низа. Агостини доминираше во 60-тите и 70-тите години на минатиот век, освојувајќи двојни круни во пет последователни сезони. Покрај тоа, во кариерата забележа дури 122 победи.

Место на листата имаше и за Анхел Нието, најтрофејниот шпански возач со 13 титули и 90 победи. Негов терен беа помалите класи, како 50 и 125, каде што покажа исклучителна доминација. Нието е познат по освојувањето титули со дури пет различни производители на мотоцикли.

Маркез не го заборави ниту Мик Духан, „канибалот“ од 90-тите. Австралиецот, кој исто така заработи голема повреда во текот на кариерата, доминираше пет последователни години возејќи за Хонда. Неговата сезона во 1997 година остана запаметена по 12 победи, рекорд што Маркез подоцна го надмина.

На листата се најде и Хорхе Лоренцо, познат по својот агресивен стил на возење. Лоренцо беше трикратен шампион во Мото ГП и еден од ретките што ја прекина доминацијата на Маркез, освојувајќи ја титулата во 2015 година.

Маркез ја заокружи својата листа со својот најголем ривал, Валентино Роси. Италијанецот, кој е освојувач на девет светски титули, е легенда која одбележа неколку генерации во Мото ГП. Неговите победи, спектакуларни маневри и разновидност во различни категории му обезбедија место меѓу бесмртните.

Иако Маркез и Роси некогаш споделуваа меѓусебно почитување, нивната врска се влоши во 2015 година по низа контроверзии. Сепак, Маркез сега избегнува дополнителни конфликти.

  • Немам интерес за војни со никого. Фокусиран сум на трките, изјави тој и ја заврши приказната за легендите на спортот.

ИЗДВОЕНИ