Манастирска слава ќе се одржи в недела на 12 мај во манастирот „Свети Тома“ во село Граиште, општина Демир Хисар. Самата градба зборува дека спаѓа меѓу најстарите манастирски цркви во Демирхисарско и Македонија.
Ваква градба е вистинска реткост. Од неговиот двор како на дланка се гледаат демирхисарските села и полето. Благодарение на еден запис на фрагмент од службен минеј, за месец септември од XVI век, се открива книжевната дејност во овој манастир.
Книжевникот Спиридон учел, живеел и творел во манастирот кон крајот на XVI и почетокот на XVII век, во манастирската библиотека, која била сместена во една просторија од конаците кои го опкружувале манастирот.
Тој бил разрушен во XVIII век, а возобновен во 2002 година. Подигнат е на старите темели, со основа во форма на четирилисна детелина.
До манастирот води новоизграден асфалтен пат, а месното население организирано преку црковниот одбор прави сериозни градежни инвестиции (трем, кујна итн.) кои ќе овозможат како дневни така и повеќедневни екскурзии на верниците.
„Свети апостол Тома“ секогаш се празнува во неделата по Велигден, како и на 19 октомври.