Ракометната репрезентација на Данска, во финалето на Светското првенство, ја совлада Хрватска со 32:26. По натпреварот во Осло, данските играчи, поранешни играчи и новинари изразија револт поради, како што тврдат, „валканата“ игра на Хрватите. Тие истакнаа две ситуации. Првата е онаа во која Матео Мараш го згазна Матијас Гидсел додека лежеше на подот.
– Тоа е валкан потег, газење на ногата на противникот така. Ваквиот испад не припаѓа никаде и ме прави навистина лут. Навистина беше грдо да се гледа. Да се гази на зглобот на Матијас Гидсел така… Тоа е една од најгрдите работи што сум ги видел – шокирано зборуваше Клаус Молер Јакобсен, поранешен дански репрезентативец, а сега коментатор на ТВ 2.
И Данците се згрозени од ударот над Расмус Лауге. Марко Мамиќ го удри толку опасно што доби црвен картон. Данскиот играч Симон Питлик, бесен, дотрча до хрватските ракометари, кои го оттурнаа.
– Не сакам ни да го гледам. Можеме да разговараме дали требаше да постапам како што постапив. Потегот беше само да им покажам дека ракометот не се игра така. Хрватите можат да играат така во Загреб, каде што судиите се на нивна страна. Ова е апсолутно неверојатно! Само така може да нè победат. Не им успеа затоа што бевме попаметни. Хрватите добија глупави исклучувања и играа со премногу емоции –рече Питлик во студиото, каде што му беше прикажана снимка од потегот на Мамиќ.
За овој момент, свој коментар даде и данскиот новинар Џони Војчех Кокборг.
– За тој црвен картон Мамиќ, ќе завршеше во наш затвор шеесет дена. Желбата за крв беше видлива во очите на балканските играчи уште од првата секунда. Уште на почетокот од натпреварот видовме обид за убиство на Симон Питлик. Тоа требаше да биде повеќе од исклучување – рече Кокборг.
Очигледно, данскиот новинар претера со својот коментар, особено по фактот што Данска извојува победа во финалето и се радува на уште еден златен медал.